СДСМ повикува на смиреност и присебност, црното сценарио нема да успее

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги повикува граѓаните на смиреност и присебност, да не подлегнуваат на мрачни сценарија за предизвикување конфликтнoст и дестабилизација на Македонија, изјави денес претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Го повикувам Никола Груевски веднаш да излезе пред граѓаните на Македонија и да им објасни кој, зошто, со каква цел ја дестабилизира Македонија? Дали и зошто криминални групи од територијата на соседните држави влегуваат во Македонија? Кој ги организира и со каква цел? Истото треба да го направи и Али Ахмети.

Жртви се граѓаните и Македонци и Албанци, и полицајци и цивилно население. Сега најважно е да му се помогне на цивилното население и да му се обезбеди и гарантира сигурност и безбедност.

Црното сценарио нема да успее. Граѓаните препознаваат кој има интерес од вакво сценарио и нема да дозволат да бидат вмешани во ваквото сценарио.

Македонците, Албанците и сите други граѓани се заедно како никогаш досега. Убеден сум дека тоа така и ќе остане.“– истакна Заев.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев имаме информации дека во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ спонтано се собираат членови и имаат намера да дојдат во Скопје да прават контрапротести обвинувајќи ве вас дека стоите зад инцидентите во Куманово. Каков е вашиот коментар за тоа?

Заев: Се надевам дека тоа не е така. Доколку е така, тоа е само потврда за мрачно сценарио коешто се подготвувало во Македонија. Опозицијата не е непријател на државата. Сите заедно мораме да бидеме насочени кон решавање на конфликтната ситуација којашто се случува во тоа маало во Куманово и секако сите заедно мораме да гарантираме безбедност и стабилност на државата.

Медиуми: Господине Заев велите дека станува збор за сценарио, меѓутоа дали мислите дека може нешто такво, сценарио да има, во коешто жртви можат да се случат, и повредени луѓе, сепак тоа сценарио не е така едноставно и наивно…

Заев: Затоа велам се надевам дека тоа не е така, партиски активисти да тргнале кон штабот на Социјалдемократскиот сојуз, тоа ќе го потврди сценариото. Затоа се надевам дека тоа не e сценариото.

Медиуми: Велите дека е сценарио. Нели е тоа изјава со којашто се додава масло во огнот? На веќе меѓуетничките…

Заев: Значи велам, се надевам дека не е сценарио. Ако доаѓаат организирано членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ пред штабот на Социјалдемократскиот сојуз, коешто на ангро се шири на секаде, тоа е само потврда за некакво сценарио.

Медиуми: Ќе ве спречи ли ова да продолжите со објавувањето на бомбите?

Заев: Секако дека сите наши напори, мисли и ресурси ќе бидат насочени кон решавање на оваа конфликта ситуација којашто се случува и брзо враќање на безбедноста и стабилноста во нашата земја.

Медиуми: Што е со секојдневните протести повикувате да продолжат или…

Заев: Апелирам до сите граѓани да ги скротат гневовите коишто ги имаат во душите, предизвикани од актуелните состојби во Македонија, соопштени преку доказите на опозицијата. Убаво е протестите да престанат иако беа самоиницијативно организирани и тоа го знаат сите многу добро. Во овој период и со мислите и со нашите мудри и паметни идеи, заедно сплотено сите граѓани, да придонесеме кон брзо решавање на оваа тешка состојба што не измачува сите во моментов и којашто е многу лоша за Македонија.

Медиуми: Протестот на 17-ти мај останува?

Заев: Тоа денеска сигурно нема да го одлучуваме, ќе ги следиме внимателно состојбите.

Извор: www.sdsm.org.mk