Во Дебрца одбележани Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски.
„Ми претставува особена чест и задоволство што можам заедно со Вас да го одбележам седум деценискиот јубилеј на Денот на победата над фашизмот, како и три деценискиот јубилеј на Денот на Европа.
Деветти мај е еден од оние денови кои остануваат светилници не само во нашата историја,туку и во светската.Токму на овој ден 1945 г. во Берлин германскиот фелдмаршал Вилхелм Кајтел го потпиша официјалниот документ за крај на Втората светска војна,потпиша капитулација на најголемото зло-фашизмот и неговата брутална хегемонија.
Нашето поднебје,нашата славна Дебарца има навистина голем број учесници во НОВ и Револуцијата.Тие луѓе,тие партизани-нечии синови и ќерки,сопрузи,татковци и мајки се калеа во историските невремиња,борејќи се за зачувување на својата земја,на својот идентитет.Водени од револуционерниот дух на Гоце Делчев и Илинденците,овие борци не правејќи разлика по вера,нација,раса,пол, на свои плеќи ја донесоа големата победа над фашизмот.
И како никогаш до тогаш се сплотија слободољубивите народи од целиот свет во Европа, најизложената на фашистичкиот гнев,а во склоп на неа и кај нас,да го победат злото кое го уништуваше човештвото.Слободата не се заслужува,не се наследува бидејќи некој постојано ја демне ,туку се стекнува и се брани со борба,со свесна жртва.И нашов крај,нашата Дебарца,(Охрид,Кичево,Малесија),дадоа многу жртви,многу херои како Серафим Китаноски Август,Трајче Дојчиноски,знајни и незнајни јунаци кои и денес се патоказ кон иднината во суверена,самостојна Македонија.
Почитувајќи го идеалот за обединување на различностите Роберт Шуман во 1950 година предложи да се подаде рака на Германија,да се прости и да се продолжи во заедништво.Овој Шуманов план од 1951 год. во 1985 е прогласен за Ден на Европа.Кон нејзините златни ѕвезди се стремиме и ние,не отстапувајќи од зацртаните аспирации за влез во нејзиното јато.Само обединети со сите народи ќе можеме да оставиме подобар свет за идните генерации,а во истовреме ќе им оддадеме должна почит на борците,чии идеали ги живееме ние денес.
Драги присутни уште еднаш Ви благодарам за заедничкото чествување на овие два јубилеи и се надевам дека никогаш нема да се заборават жртвите од НОВ и Револуцијата!“– рече во своето обраќање Трајкоски.