Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска поднесе оставка од функцијата. Како што пренесува МИА, за одлуката Јанкулоска писмено го известила премиерот Никола Груевски.
Јанкулоска во оставката истакнува дека во изминатиот период работела професионално и посветено раководејќи се од интересите на граѓаните и на државата.
„Почитуван претседателе Груевски,
Најнапред сакам да Ви се заблагодарам за довербата што ми ја дадовте да бидам дел од Вашиот тим и да раководам со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Во изминативе години, не штедејќи време и енергија, работев професионално и посветено, секогаш раководејќи се од интересите на граѓаните, и пред се, раководејќи се од интересот на Република Македонија.
Во овие тешки денови, кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување од функцијата министер за внатрешни работи, ќе придонесе за нејзиното надминување,“ стои во оставката од министерката Јанкулоска.
Извор: Нет Прес