Собранието денеска на 50. седница ги констатираше оставките на министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а премиерот Никола Груевски го образложи предлогот на нивно место да бидат избрани Митко Чавков и Владо Мисајловски.
Премиерот Груевски истакна дека Јанкулоска, Јанакиески и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков досега биле пример за раководење на тешки позиции и работливост.
„Се работи за личности кои дадоа огромен личен влог, во развојот на стабилноста и безбедноста на државата. Јанкулоска и Мијалков беа осум години на многу ризични и тешки за раководење позиции. Покажаа професионалност и патриотизам, смиреност, неверојатна лојалност кон државата и секогаш да застанат под браникот на татковината,“ рече Груевски.
Под нивно раководство, потенцираше тој, граѓаните видоа како на најсложените и најкомплицираните предизвици како и последната успешна акција во Куманово, тие секогаш цврсто стоеја зад интересите на македонскиот народ, но и заштитата на безбедносните сили на Македонија.
„Тие се бореа за нив, а не праќаа насилници да ги навредуваат“, рече Груевски.
Според него, тие заслужуваат почит и за нивната крајна цврста одлучност за справување со криминалот и корупцијата.
„Несомнено, нивното делување во овој правец ги доведе во ситуација да е трн во окото на секој криминалец. На тој план секојдневно расте бројот на нивни непријатели и противници, но беа одлучни во намерата да го исполниме она што им го ветивме на граѓаните а тоа е силна и непоколеблива борба против криминалците. МВР стана страв и трепет кај сите криминални групи. Секако дека сите нивни соработници дадоа огромен допринос, но сите знаеа кој го презема ризикот за секоја крупна акција“, истакна премиерот Груевски.
Дел од акциите кои ги спроведоа Јанкулоска и Мијалков, според премиерот, ќе влезат во учебниците како пример за идните генерации, а благодарение на посветеноста на Јанакиески, градежништвото придонесе најмногу за целокупниот раст на целата економија.
За Јанакиески рече дека е фанатичен работник, неверојатно брз и динамичен, експедитивен, стручен и чесен човек и министер. Човек кој помагал секаде и секому и кој е неуморен работник.
„Направи крупни реформи во ресорот кој го раководеше и ќе остане запаметен и меѓу вработените и меѓу фелата кој на почетокот гледаше на него со резерва пред се заради младоста и ненаметливоста, но многу брзо разбраа дека имаат министер кој е голем работник, пријателски настроен кон секого, исклучително стручен и со огромна волја за помош и развој на градежништвото, патниот транспортот, авиотранспортот, железничкиот транспорт, телекомуникациите и сите други ингеренции кои беа под негова надлежност. Истовремено и стратег и голем оперативец, министер кој создаде и остава зад себе многу дела, многу проекти и многу реформи“, рече Груевски.
Покрај неговите законски обврски во неговиот ресор, тој, според него, бил најактивен министер во кризни ситуации во државата, независно дали станува збор за поплави, пожари, земјотреси, одрони на огромни свлечишта, снежни наноси или која било друга елементарна непогода. Секогаш беше прв на чело на колоната за помош, главен организатор на помошта на настраданите и санациите на штетите, координирајќи ги сите државни институции за пружање помош и интервенции во вакви прилики. Тоа, рече Груевски, го правеше до последен час во Владата, заклучно со координацијата на помошта на лицата чиј имот е оштетен во акцијата на полицијата во Куманово.
„Растот на градежништвото во неговите мандати беше предводник на целокупниот раст на целата економија. За многу крупни проекти, како што се градбата на аеродромите, автопатиштата, регионалните, локалните патишта, водоводи, канализации, жичарница, плажи, конкуренцијата и намалувањето на цените во телефонијата и многу други, стои неговиот труд и дело“, рече премиерот.
За предлогот Чавков да биде министер за внатрешни работи, рече дека тој веќе 28 години работи посветено во МВР на сите ниво, почнувајќи од инспектор па до директор на Бирото за јавна безбедност која што е функција именувана од Владата, исклучително искусен човек во професијата со ниту една дамка во својата кариера.
„Јас подобро го запознав во последните неколку години, особено откако е директор на БЈБ, многу одговорна функција која со голем професионализам ја извршуваше. Тој беше дел од успесите на МВР во изминатиот период и одлично е навлезен во започнатите реформи во МВР,но и во сите други активности на МВР. Со оглед дека е човек кој одлично го познава Министерството тој ќе знае да го извлече максимумот од секој поединец во Министерството“, рече Груевски.
Покрај работата во јавната безбедност, Чавков извесен период има работено и во УБК. Има учествувано, а голем дел и раководено голем број на крупни операции на МВР кои завршиле со успех.
Владо Мисајловски е актуелен директор на Агенцијата за патишта на РМ која во моментов води крупни проекти за изградба на три автопати во Македонија, голем број на градби и конструкции на регионални и на локални патишта. Претходно беше државен секретар во Министерството за транспорт каде ја организираше работата на сите покрупни проекти на Министерството.
„Од тој агол исто како и Митко Чавков станува збор за човек кој одлично ги познава проектите на Министерството за транспорт, реформите кои се во тек во секторите кои се во надлежност на Министерството, проектите од Програмата на Владата и нивната динамика на реализација. Имајќи предвид дека ги познава и вработените во оваа институција тоа гарантира дека нема да има никаков застој во реализацијата на Програмата на Владата во областа на Министерството за транспорт“, рече Груевски.
На седницата присуствуваат 79 пратеници, и тоа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ, ДПА и трите независни пратенички.
Се очекува Парламентот по дебатата да гласа за новите предлози за министри.