Учениците од I одделение од ОУ „Христо Узунов“, заедно со нивните учителки Лидија Цветковиќ и Наташа Групчева Пупиноска, вчера беа во посета на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Посетата беше организирана во соработка со родителите во согласност со проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“, со цел учениците да се запознаат со работата на оваа организација.
До аеродромот учениците стигнаа со двокатниот автобус од ЈП „Билјанини Извори“. Со работата на аеродромот беа запознаени од вработените на Аеродромот, а имаа и прилика да го следат слетувањето и полетувањето на еден холандски авион, да ги пречекаат и да им посакаат добредојде на групата холандски туристи. По запознавањето со посадата од авионот, пилотите и стјуардесите и задничкото фотографирање со нив, учениците се запознаа и со работата на контролорите на лет.
Среќни и задоволни од новото доживување, учениците се заблагодарија за сето тоа што го научија, а ова сигурно ќе биде едно големо доживување кое учениците долго ќе го паметат.
Од ОУ „Христо Узунов“ упатуваат голема благодарност до ЈП „Билјанини Извори“ за доживувањата на двокатниот автобус и до сите вработени во аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид за нивната срдечност и трпеливост со нашите најмали и најмили првоодделенчиња.