Пет најсовремени специјални комунални возила ќе добие ЈП „Охридски Комуналец“. Почетокот на оваа крупна инвестиција поддржана од Светска Банка, значајна за подигнување на степенот на јавните комунални услуги во градов , денес беше официјализиран со потпишување договор помеѓу градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и Мухамер Џенгис од компанијата ЕРКА БМЦ, што беше избрана за најдобар понудувач.
Градоначалникот Никола Бакрачески, непосредно пред потпишувањето на договорот истакна дека по јавниот повик на општина Охрид од тројцата пријавени понудувачи, ДПТУ „ЕРКА БМЦ 2007“ од Охрид, „Еко Клуб“ од Битола и „Карго макс Македонија“ од Скопје за најповолен понудувач е избрана компанијата ЕРКА БМЦ од Охрид.
„Согласно правила на Светска Банка понудите беа евалуирани од страна на посебна Комисија во општина Охрид која подготви извештај за евалуација со препорака за доделување на Договорот на најниската понуда – ЕРКА БМЦ од Охрид .Избраниот понудувач во целост ги задоволува бараните финансиски критериуми и техничките карактеристики на комуналните возила кои се предмет на оваа набавка и како таков беше одобрен за најповолен и од страна на Светска Банка“ – рече градоначалникот Бакрачески , посочувајќи дека вредноста на возилата е 306.328 Евра со вклучен ДДВ или 18.839.172 денари со вклучен ДДВ .
„Со овој Договор за реализација на овој проект ќе бидат набавени две комунални возила за подигнување на отпад од контејнери со зафатнина од 1.1м³ и канти од 120-240 литри со капацитет од 3м³, едно комунално возило за подигнување на отпад од контејнери со зафатнина од 1.1м³ и канти од 120-240 литри со капацитет од 9+1m3, едно комунално возило за подигнување на отпад од контејнери со зафатнина од 1.1 м³ и канти од 120-240 литри со капацитет од 16+1m3 , и една хидростатична машина за чистење на улици“, додаде градоначалникот Бакрачески и подвлече дека согласно договорот, понудувачот има обврска комуналните возила да ги испорача на ЈП „Охридски комуналец“ во рок од 8 недели од денот на потпишување на Договорот .
„Со набавка на овие комунални возила за собирање отпад ќе се подобри квалитетот на јавните комунални услуги и ќе се зајакне капацитетот на општината и нејзините надлежности уредени со Законот за локална самоуправа. Исто така со овие возила ќе се обезбеди поквалитетна услуга при собирањето на комуналниот отпад. Со оваа инвестиција ќе се обезбеди намалување на трошоците за одржување а ќе се заштеди и гориво за возилата за комунална хигиена на ЈП „Охридски комуналец“. Овие возила ќе допринесат и во намалување на емисијата на CO2 и заштита на животната средина со што ќе се подобрат и условите за развој на туризмот во градот “,- истакна градоначалникот.
„Мухамер Џенгис од компанијата „ЕРКА БМЦ 2007“ се заблагодари на општина Охрид, за покажаната доверба во постапката за набавка за нови комунални возила.Како добавувачи ќе се залагаме , потпишаниот договор во целост да го испочитуваме односно да го реализираме во договорениот рок. Се надеваме дека ќе придонесеме Охрид да стане еден од најчистите градови на Балканот. Се надеваме дека во иднина, нашата соработка со општина Охрид ќе продолжи и во реализација на други проекти кои се во интерес на општината и пошироко“, потенцира Џенгис.
Координаторот на оперативата при ЈП „Охридски комуналец“, укажа на бенефитот за ова претпријатие по потпишувањето на договорот.
„Благодарени на Локалната самоуправа, после 17 години ќе добиеме пет најсовремени комунални возила со кои ќе се подобри дејноста на претпријатието и ќе се намалат трошоците во однос на горивото и останатите реагенси. Со овие возила ќе бидат покриени сите реони и секојдневно навремено комнуналниот отпад ќе биде подиган. Комуналното претпријатие од свои средства ќе набави еден камион –кипер а преку АДКОМ имаме аплицирано и за возила од 16 метри кубни за комунален отпад“, рече Ристески.
Моментално, возниот парк на ЈП „Охридски комуналец“ го сочинуваат 15 возила за отпад и чистење кои се стари односно произведени во осумдесеттите години од минатиот век.