Советот за надворешни работи на ЕУ утре (понеделник) ќе расправа за Македонија и ќе излезе со заедничка позиција во врска со случувањата во земјата и за мерките што треба да се преземат, најави шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов, пренесе МИА.
„Европа дејствува заеднички. Во понеделник на Советот за надворешни работи ќе дискутираме за темата Република Македонија и тамошните случувања, што треба да доведе до заедничка единствена позиција на сите министри за надворешни работи на земјите од ЕУ и за мерките што треба да ги преземеме“, изјави Митов за Бугарската национална телевизија.
За коментарите во Софија околу безбедносната состојба во Македонија и најавите за испраќање дополнителни сили на границата, Митов рече дека во моментов нема повод за сериозна загриженост за сигурноста на Бугарија.
„Ги направивме сите анализи и подготвени сме за секакви варијанти. За нас на прво место е територијалната целовитост и етничкиот мир во Македонија. Во Македонија меѓуетнички тензии засега нема“, истакна шефот на бугарската дипломатија.
Во меѓувреме, МНР на Бугарија им препорача на своите граѓани кои патуваат во Македонија да бидат внимателни и да избегнуваат места каде што има групни собирања, како и реоните во кои има засилено полициско присуство.
Извор: Нет Прес