„Во име на сите градоначалници од Скопје, денес присутни на овој прес, сакам да упатам апел и да ги повикам граѓаните на Скопје утре, во понеделник, во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, масовно и одлучно да се приклучат на големиот митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија.“ – рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.
Собирот во понеделник ќе упати неколку јасни пораки, Македонија е нашата татковина која заслужува стабилност, просперитет и подобра економска иднина. Овој собир ќе даде јасно до знаење дека само преку демократски избори народот одлучува кој ќе биде власт, а кој опозиција во нашата држава.
Граѓаните јасно и гласно ќе кажат дека се против насилните демонстрации и црните сценарија за дестабилизација на Македонија.
Ги повикуваме граѓаните на Скопје, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи и други на мирен собир, со кој ние сите заедно ќе покажеме дека Македонија ни е премногу важна, за некој да се обидува да и наштети само за да ги оствари тесните партиски и лични интереси.
Во понеделник во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, преку масовна поддршка како никогаш досега, народот одлучно ќе даде до знаење дека не се согласува со деструктивната политика на опозицијата што штети на националните интереси и интересите на граѓаните. Граѓаните сакаат силна, стабилна и просперитетна Македонија и тоа сите заедно ќе го покажеме во понеделник.“ – истакна Коневски.