Во Агенцијата за Електронски комуникации денеска се одржа прес конференција на која беше најавена Меѓународната регулаторна конференција која утре и задутре ќе се одржи во Охрид. Целта на конференцијата е да се поттикне јавната расправа за прашања поврзани со најновите технолошки достигнувања во ИКТ секторот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски истакна дека во наредните два дена на конференцијата ќе се разговара за наредните чекори што треба да се преземат за унапредување на броадбендот и интернетот, како и за теми кои не се само актуелни во Република Македонија туку и во земјите од Европската Унија.
„Ова уште еднаш покажува дека Република Македонија е поставена на мапата за развој на телекомуникациите и за нас тоа претставува особена чест” рече Ивановски, потсетувајќи на последниот извештај од Светскиот економски форум каде Македонија бележи скок од 10 позиции и се наоѓа на 47 место во глобалниот индекс за информатичко општество, односно скок од 20 места во изминативе две години.
Тој се осврна и на регионалната роаминг иницијатива, со која како што рече, почнувајќи од 30. јуни граѓаните на РМ ќе плаќаат драстично пониска цена за роаминг услугите кога ќе патуваат во Србија, Црна Гора, Босна:
„Ние, заедно со нашите соседи успеавме да направиме наш регулаторен пазар. Успеавме со нашата политика како пријателски земји да го направиме ова многу побрзо отколку ЕУ го има тоа направено во своите 28 држави членки кои дискутираат на оваа тема” истакна Ивановски.
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски рече дека традиционално, веќе трета година, АЕК организира меѓународна регулаторна конференција на која учествуваат истакнати личности од Македонија и светот, вклучувајќи владини претставници, регулаторни тела, претставници на ИТУ, на Европската унија, оператори, како и клучни лица на Македонскиот и светскиот пазар за електронски комуникации.
Инаку, на конференцијата во Охрид ќе учествува и Гјоран Марби, потпретседател на Европското тело на регулатори за електронски комуникации (БЕРЕК) и генерален директор на Регулаторот за пошти и телекомуникации на Шведска.