Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски се обрати на воведната сесија на Меѓународната регулаторна конференција што денеска и утре се одржува во Охрид, во организација на Агенцијата за Електронски Комуникации.
Ивановски се осврна на важноста на информациско-комуникацискиот технолошки развој, кој е директно зависен од распространетоста на широкопојасниот интернет.
„Според Светска банка, за секои 10% раст на пенетрација на широкопојасниот интернет, соодветствува од 1 до 1,5% економски раст на бруто-домашниот производ во државата, додека според Европската банка за реконструкција и развој, зголемувањето на брзината на бродбендот за два пати обезбедува раст од 0,3% на БДП во државата”, рече Ивановски.
Тој потенцираше дека Република Македонија активно учествува во работата на Броадбенд комисијата формирана од Обединетите нации и веќе ги има исполнето целите зададени за периодот до 2015 година. Меѓу нив е достапноста на широкопојасен интернет кај 40% од домаќинствата и негова употреба од страна на 50% од граѓаните.
„Според последниот извештај од државниот завод за статистика, оваа цел е реализирана високо над очекуваната бројка: околу 60% од домаќинствата во Република Македонија имаат пристап до широкопојасен интернет, а воедно 60% од граѓаните го користеле истиот”, рече Ивановски.
Министерот Ивановски додаде дека Владата на Република Македонија продолжува да ја имплементира Програмата за развој на информатичкото општество, следејќи ги новите трендови. Утврдени се неколку цели за реализација, меѓу кои 80% покриеност на населението со широкопојасен интернет, зголемување на бројот на домаќинства кои користат интернет, онлајн продажбата на производи од страна на мали и средни претпријатија да достигне бројка од 33%, намалување на цените на роаминг услугите, како и зголемување на бројот на електронски јавни услуги.