Вчера, Генералниот секретаријат на Советот на Европските Заедници, како депозитар на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока, по претходна одлука на Мешовитата комисија, до Мисијата на Република Македонија во Европската Унија, испрати покани за пристапување на Република Македонија кон претходно споменатите конвенции.
Добивањето на поканите од Генералниот секретаријат на Советот на Европските Заедници е единствен начин за пристапување кон споменатите конвенции. Истите следат по успешно спроведената оценска мисија од страна на Мешовитата комисија, во рамките на која позитивно беше оценета подготвеноста на Република Македонија за пристапување кон конвенциите од аспект на степенот на усогласеност на националното царинско законодавство во делот на транзит и обрасците и начинот на пополнување на Единствениот царински документ (ЕЦД), усогласеноста на националниот Нов комјутеризиран транзитен систем (НКТС) со барањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, обученоста на царинските работници, економските оператори и другите учесници во заедничката транзитна постапка и соодветна организациона поставеност на Царинската управа согласно барањата на заедничката транзитна постапка.
Пристапувањето на Република Македонија кон споменатите конвенции, кое официјално треба да се случи на 1 јули 2015 година е од големо значење за економските оператори, Царинската управа и за Република Македонија во целина.
Заедничката транзитна постапка на економските оператори ќе им овозможи полесно и побрзо движење на стоката, поедноставување на царинските формалности преку електронска обработка на податоци при спроведување на истите и намалување на трошоците на постапката со овозможување на користење на електронски транзитни декларации и спроведување на транзитната постапка со единствен транзитен документ и единствена транзитна гаранција од било кое место на поаѓање до било кое одредиште во рамките на договорните страни на конвенциите.
На Царинската управа на Република Македонија заедничката транзитна постапка ќе и овозможи зголемување на ефикасноста и ефективноста на транзитната постапка, унапредување на системите за превенција и откривање на измами, како и зголемување на безбедноста при спроведување на транзитните операции.
На Република Македонија во целина, спроведувањето на заедничката транзитна постапка ќе и овозможи исполнување на еден од условите за пристапување кон Европската Унија и ќе ја доближи на чекор од Царинската унија.
Царинска управа им се заблагодарува на сите инволвирани субјекти кои дадоа свој придонес во проектот за воведување на НКТС и зачленување во двете конвенции.