Генералното собрание на Обединетите нации, по резолуцијата 55/201 од 20 декември 2000 година, го прогласи 22-ри мај како меѓународен ден на биодиверзитетот, односно на биолошката разновидност, со цел да се зголеми разбирањето и свеста за прашањата поврзани со биодиверзитетот.
Темата за 2015 година е „Биодиверзитетот за одржлив развој“. Оваа година темата ја одразува важноста на напорите на сите нивоа за да се воспостави сет на цели за одржлив развој, како дел од агендата за развој на Обединетите нации за периодот од 2015-2030 и релевантноста на биолошката разновидност за постигнување на одржлив развој.
Судбината на човештвото е тесно поврзана со биодиверзитетот – разновидноста на животот на Земјата. Биодиверзитетот е од суштинско значење за одржливиот развој и човековата благосостојба. Тој е од клучно значење за намалување на сиромаштијата и се должи на основните производи и екосистемските услуги што ги нуди.
Повеќе од 3 милијарди луѓе зависат од морскиот и крајбрежниот биодиверзитет, а над 1,6 милијарди луѓе се потпираат на шумите и шумските производи за нивната благосостојба. Деградирањето на живеалиштата и загубата на биолошката разновидност му се заканува на животот на повеќе од 1 милијарда луѓе кои живеат во суви и полусуви предели. Затоа мора да се развијат стратегии за заштита на биолошката разновидност за да се постигне намалување на сиромаштијата и одржлив развој.
WebOhrid