ПАРП мултилатерални консултации помеѓу Република Македонија и НАТО

Во седиштето на НАТО во Брисел, се одржаа редовните ПАРП мултилатерални консултации помеѓу Комитетот на НАТО за партнерства и кооперативна безбедност и Република Македонија. Делегацијата од Република Македонија ја предводеше државниот советник во Министерството за одбрана бригадениот генерал Бранко Дракалски. Предмет на разгледување беше ПАРП Проценката 2015 и анализа на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Република Македонија.

Претставниците на НАТО земјите беа информирани за посветеноста на Република Македонија за континуираниот и долготраен придонес во меѓународните операции, за започнатиот придонес во новата мисија на НАТО во Авганистан „Resolute Support“, за напредокот во тековната трансформација на Армијата, како и за развојот на распоредливите способности.

Република Македонија континуирано е посветена во обезбедувањето на мирот, стабилноста и безбедноста, како во регионот така во Европа и пошироко. Во рамки на меѓународните мировни операции досега биле вклучени над 3800 припадници на Армијата на Република Македонија што претставува исклучително висок придонес во меѓународните мировни операции.

За време на денешните консултации, претставниците на НАТО дополнително беа информирани дека Република Македонија останува силен промотор на регионалната одбранбена соработка во рамките на сите регионални иницијативи. Со земјите од Регионот на Југо Источна Европа со заеднички сили ќе продолжи да работи на имплементација на проектите во духот на НАТО концептот за Паметна одбрана.

Од македонската делегација беше изразено задоволство од постигнатото со убедување дека Република Македонија ќе добие позитивно признание и оценка за досега сработеното во рамките на одбранбените реформи и имплементацијата на Партнерските Цели во насока на континуирано унапредување на интероперативноста со земјите членки на НАТО.