65 години ОУ „Братство единство” – Охрид

ОУ „Братство-единство“, Охрид синоќа во НУ Центарот за култура „Григор Прличев“ го одбележа патрониот празник на училиштето, 25-ти Мај. Пред присутните во салата се обрати директорот на училиштето Муамер Доко.

„Да се биде директор и да се раководи со образовна институција, особено кога се работи за училиште какво што е ОУ „Братство Единство” претставува голема чест, но воедно е функција која со себе носи многу предизвици и дилеми. Ова го велам пред се поради фактот што живееме во време на големи промени и турбуленции во многу аспекти од општествениот живот , а секако дека образованието не е имуно на истите. Од друга страна, менаџирањето со една ваква институција каде наставата се изведува на три јазици(македонски, албански и турски) и тоа во две училишни згради, бара огромна посветеност и флексибилност.

Но, и покрај големиот товар кој доаѓа заедно со функцијата директор, постојат нешта кои го олеснуваат секојдневието и ме прават среќен. Тоа е позитивната, пријателска и релаксирана атмосфера по која нашето училиште е надалеку познато, а која е основен предуслов за успешно реализираните проекти и бројните награди на локално, државно и меѓународно нив.

Оваа учебна година нашата образовна институција слави 65 години од своето постоење, јубилеј достоен за респект.

Ова го велам од причина што ОУ „Братство Единство” успеа, и покрај исклучително тешките историски периоди на превирања и неизвесности низ кои поминуваше нашата држава, да го сочува интегритетот , неуморно работејќи на промоција на толеранцијата на овие простори.

Завршувајќи го Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, ние заокруживме уште една од многуте успешни приказни. Подготвени за нови предизвици, со многу енергија и во позитивна атмосфера, одиме во нови победи и остварување на зацртаните цели. Нека ни е честит патрониот празник на училиштето!“- рече во својот говор директорот на ОУ „Братство-единство“ Охрид, Муамер Доко.

Свеченоста беше збогатена со  културно-уметничка програма подготвена од учениците, а воедно беше одбележан и 24-ти Мај, Денот на Македонските и Сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј.

WebOhrid