Општина Охрид со пригодна свеченост, денес, пред монументалниот споменик на Св. Кирил и Методиј, го одбележа 24 мај- денот на сесловенските просветители. Пред присутните граѓани во име на градоначалникот Никола Бакрачески се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев.
„Денес, овде пред нивниот монумент, со посебен пиетет го чествуваме денот на великите сесловенски просветители, Светите Кирил и Методиј. Одбележувањето има посебна симболика зошто пораките ги упатуваме од овој простор ,каде во непосредна близина се наоѓаат спомениците на нивните ученици Светите Климент и Наум Охридски, продолжувачите на нивното просветителско и духовно дело. Монументите на најголемите сесловенски светители се свртени кон Охридското Езеро и кога ќе погледнеш чиниш дека заедно му упатуваат порака на светот во која доминантно место имаат просветителството и хуманизмот. Светот знае дека светите Кирил и Методиј ја напуштиле царската палата во Константинопол и заминале во просветителска мисија кај словенските народи, водени од идејата дека сите европски народи под исти услови треба да имаат еднаков пристап до словото.Светите Кирил и Методиј , биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик. Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните следбеници, Светите Климент и Наум го продолжија преку работата на Климентовиот универзитет од каде околу три и пол илјади ученици тргнувајќи од Охрид продолжиле да ја шират сесловенската писменост и култура.За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS , заедно со Свети Бенедикт ги прогласи за ко-покровители на Европа, зошто Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација.Во историјата на Охрид, што трае повеќе од 6 илјади години, сите цивилизаци оставале траги кои и сега се видливи. Посебни белези и бројно културно и духовно наследство има токму од овој период, па затоа Охрид се нарекува Балкански Ерусалим и центар на сесловенската писменост и култура. Ние сме горди што на темелите кои ги поставија Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Светите Климент и Наум, се надоврзаа македонските преродбеници. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат“ – рече Јанев.
На случувањето беа доделени награди на ученици од основните и средните училишта кои постигнале значајни резултати на државни и меѓународни натпреварувања а се одржа и културно -уметничка програма.