Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во свое лично име и во име на Социјалдемократскиот Сојуз им го честита на граѓаните на Македонија големиот празник, 24 Мај, денот на словенската писменост и култура.
„Денешниот голем празник, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, претставува потстетник на нивната суштинската и историска улога за македонскиот народ и во создавањето на универзалните придобивки, како што се писменоста, обединувањето и просветлувањето на словенските народи.
Преку својата благородна и просветителска дејност на овие простори, браќата Кирил и Методиј ја направија Македонија лулка на словенската култура и писменост, испишувајќи ги со тоа најсветлите страници од македонската историја.
На овој ден, ја испраќаме пораката дека ќе го вратиме заслуженото место на делото и значењето на сесловенските просветители Кирил и Методиј и нивните ученици, чија голема улога во поставувањето на темелите на јазикот, а со тоа и на културата и на идентитетот, заслужува достојна и непресушна почит од сегашните и сите идни генерации во Македонија.
Исправени пред предизвиците пред коишто се наоѓаме како народ и држава, за враќање на основните човекови права и слободи, денешниов голем празник, преку успешноста на големата мисионерска улога на светите браќа Кирил и Методиј, нека `не охрабри дека посакуваното може да се постигне. За граѓаните на Македонија тоа е надежта дека земјата повторно слободно ќе чекори на патот кон напредокот и просперитетот“.- се вели во честитката.