Методологијата Дијагностичко сродни групи (ДСГ), покрај тоа што е систем за евидентирање и фактурирање на здравствени услуги за акутните болнички пациенти, исто така е и метод за евиденција и финансирање на болничката здравствена заштита. ДСГ методологијата придонесува за стандардизирање на медицинските терапевтски постапки според медицина базирана на докази (протоколи и клинички патеки), кои се вршат за секоја дијагноза со плаќање по просечни трошоци направени за здравствената услуга во било која здравствена установа. ДСГ системот овозможува формирање на централна база на сите здравствени услуги во РМ за болничките пациенти, како и на други статистички важни податоци (пол, возраст, тежина итн.). Пристапот до овие податоци, дали директен (необработени податоци) или преку извештаи изработени од ФЗОМ и други институции овозможува споредливост меѓу болниците од аспект на ефикасност, сложеност на здравствените услуги, распон на здравствените услуги на ниво на ЈЗУ, искористеност на капацитетите и сл.
ДСГ системот во практика дава мерливи параметри со кои може да се врши и меѓусебно споредување на здравствените услуги, како и споредување на резултатите на нашите болници и клиники со болниците и клиниките од другите држави.
Во годишен извештај за ДСГ за 2014 година издвојуваме податоци за третманот на акутните болни, во здравствените установи, кои вршат болничка здравствена заштита во Република Македонија за периодот јануари-декември 2014 година.
Годишниот извештај за 2014 година опфаќа вкупно 61 здравствени установи, класифицирани спрема видот на институцијата, од кои 56 се јавни здравствени установи (14 општи болници, 27 клиники, 3 клинички болници, 9 специјални болници, 3 психијатриски болници) и 5 приватни здравствени установи.
Од големиот број на анализи и податоци во годишниот ДСГ извештај издвојуваме 5 карактеристични параметри:
1. Вкупниот број на хоспитално лекувани во 2014 година изнесува 234.642 пациенти и е поголем за 11.203 случаи, односно за 5 % во однос на 2013 година. Следствено е зголемен и вкупниот број на остварени болнички денови на 1.296.188, што претставува зголемување од 4,8%, односно 60.305 болнички денови повеќе. Ова зголемување се јавува во повеќето здравствени установи, пред се во општите болници, односно пациентите повеќе се третираат во општите болници а помалку се преупатуваат на универзитетските клиники, пред се како резултат на добиената нова софистицирана опрема и едукација за вработените за користење на истата. Во пракса ова значи дека листите на чекање се намалуваат и годишно се лекуваат повеќе болни лица.
Сакаме да потенцираме дека најголемиот број на лекувани акутни болни во болничка здравствена заштита се во регионот на градот Скопје, каде се евидентирани 110.725 или 47,1% од вкупниот број на ДСГ случаи во Македонија (вклучени се и приватните болници со кои ФЗОМ има склучено договор).
2. Тип на нега. Во ДСГ системот, услугите се поделени на хируршки, медицински (интернистички) и останати ДСГ, во зависност од тоа дали во текот на лекувањето е извршена или не процедура во операциона сала.
Ако се собере бројот на хируршките интервенции извршени во Универзитетските Клиники, ГОБ 8 Септември Скопје, Специјална болница по гинекологија и акушерство Чаир Скопје, ПЗУ Филип 2, ПЗУ Клиничка болница Систина, ПЗУ Систина офталмологија, ПЗУ Европска очна болница се добива податок дека 63,1% од сите хируршките интервенции се изведуваат на територија на град Скопје
За илустрација, во ГОБ 8 Септември Скопје 49% од пациентите се со извршени хируршки интервенции, додека кај сите други општи болници просекот на хируршки интервенции е околу 28%.
3. Најчести здравствени услуги (ДСГ услуги) – Во 2014 година исто како и во 2013 година, најзастапени здравствени услуги се: Згрижување на новороденче без компликации, нормално породување без компликации, респираторни инфекции без компликации, породување со царски рез без компликации и горно респираторни инфекции со воспаление на уво.
4. Просечен престој на пациентите во болниците се забележува континуирано намалување, од 6,2 дена во 2009, до 5 ,5 дена за 2013 и 2014 година, што е една од главните придобивки од воведувањето на ДСГ методологијата.
Според видот на здравствената установа просечниот престој изнесува:
• 6,0 дена во клиниките
• 5,0 дена во клиничките болници
• 5,2 дена во општите болници
• 5,8 дена во специјалните болници
• 17,1 дена во психијатриските болници
• 5,3 дена во приватните болници
5. Комплексност на случаите или CASEMIX INDEX – Овој индекс е главен показател, кој ја прикажува комплексноста на третираните пациенти, сложеноста на извршените процедури и истиот на национално ниво изнесува 1,10, што претставува зголемување во однос на 2013 (1,09). Тоа значи дека во Македонија сложеноста на изведените интервенции(лекувањето) изнесува 1,10.
Здравствени установи со највисок casemix index (сложеност на лекуваните пациенти) за 2014 се:
Универзитетска клиника за државна кардиохирургија (13,98)
Универзитетска клиника за хематологија (6,77)
Универзитетска клиника за неврохирургија (3,34)
Универзитетска клиника за дигестивна хирургија (2,98)
Универзитетска клиника за детска хирургија (2,88)
Универзитетска клиника за неврохирургија (2,30)
Додека од клиничките и општи болници највисок casemix index (сложеност на лекуваните пациенти) има Градска општа болница 8 Септември (1,26).
Со примената на ДСГ методологијата се добиваат целосни податоци кои се релевантни при носење на здравствени политики и ДСГ методологијата е еден од основните критериуми при креирање на буџетите на здравствените установи за мерливоста на работењето на здравствените установи и нивна споредливост во квалитетот на здравствените услуги кои ги даваат на нашите осигуреници.