Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по претходно Известување од Министерството за здравство и Наредба од ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против Л.С.(47) од Штип, управител и сопственик на правното лице „Ливница Идеал“ ДООЕЛ, с.Карабинци, Штип, затоа што не се придржувала до Договорот со правното лице „СТРАБАГ АГ“ Скопје. Според договорот за изградба на ПЕТ Центарот (Центар за позитронска емисиона томографија за рана и прецизна дијагностика на малигни заболувања) било потребно поставување на заштитни оловни елементи од радиоактивно зрачење, но истата преку нејзиното правно лице наместо да достави заштитни прстени изработени од олово, доставила прстени изработени од кадмиум, не превземајќи мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздухот кое ја надминува дозволената граница (бидејќи ПЕТ скенерот работи со примена на радиоактивни изотопи специјално изработени за оваа намена). Со тоа се товари дека предизвикала опасност по здравјето на луѓето и сторила кривично дело „загададување на животната средина и природата“ по чл.218 ст.2 од КЗ на РМ.
Министерството за здравство на Р.Македонија во 2013 година како изведувач за изградба на ПЕТ Центар за позитронска емисиона томографија го ангажирало СТРАБАГ АГ од Австрија, односно „СТРАБАГ АГ“ подружница Скопје, на кое правно лице му биле потребни метални прстени за заштита од радиоактивно зрачење на каналите како дел од инсталацијата низ кои треба да се водат изотопите од циклонот до производствените лаборатории на ПЕТ Центарот. За набавка на истите „СТРАБАГ АГ“, Скопје се обратиле до правното лице „Ливница Идеал“ ДООЕЛ, сопственост на пријавената, по електронски пат на 21.11.2014 година со прилог цртеж-проекција со точни димензии на оловните прстени. „Ливница Идеал“ ДООЕЛ, откако ја примила порачката на 13.01.2015 година се обратила до правното лице „Металург“ од Прокупље со порачка која имала различни димензии од оние кои ги барале „СТРГАБАГ АГ“. Металург со доставените прстени доставиле и извршена анализа на хемискиот состав на прстените кои во својот состав имале 99,358% олово. „Ливница Идеал“ ДООЕЛ, на 22.01.2015 година оловните прстени директно ги доставила до градилишетето на ПЕТ Центарот, но таму од вработените на СТРАБАГ АГ било забележано дека истите биле со несоодветни димензии (значително помали од порачаните) за што ја известиле осомничената. По ова, таа веднаш ги повлекла прстените набавени од Металург и извршила набавка на потребна количина сурово олово за да изработат нови прстени со потребните димензии. Согласно барањето изработени биле 78 прстени со бараните димезии и повторно доставени до градилиштето на ПЕТ Центарот на 04.02.2015 година, но без да биде извршена повторна анализа на хемискиот состав на прстените, туку во прилог имало изјава од „Ливница Идеал“ ДООЕЛ и потврда од Металург, Прокупље. Откако била започната монтажата на заштитните прстени стручните лица од Проектната единица врз основа на личното искуство, како и согласно физичките својства видливи со голо око (боја, цврстина и сл) забележале дека доставените прстени не се оловни, поради што ангажирале акредитирана лабораторија за да изврши анализа. Таа докажала дека прстените се изработени од 99,75% кадмиум, а не олово, односно дека истите не одговараат по составот на елементите кои треба да вршат заштитна функција.
Имено, при изработката на прстените, откако набавените од Металург, Прокупље не одговарале по димензиите, осомничената извршила дополнителна набавка на олово од ИВАЛ ТРЕЈД, Штип (каде во 1.000 килограми преовладувал елементот кадмиум) и ТАБ МАК ДОО Пробиштип (650 килограми рафинирано олово со чистина од 99,985%). Таа пред доставата не побарала да се направи анализа на новопроизведените прстени кои биле изработени од прстените набавени од Металург и суровината од ИВАЛ ТРЕЈД и ТАБ МАК, туку истите ги доставила со изјава и прикачување на потврдата од Металург, каде стои дека прстените се со квалитет од 99,358% олово, прикажувајќи како истата да се однесува на новите 78 „оловни“ прстени.
Осомничената постапувајќи на овој начин не се придржувала до прописите за заштита на животната средина пуштајќи во користење прстени за заштита од штетно зрачење со што можела да предизвика опасност по животот и здрајвето на луѓето кои ќе го користат објектот на Министерството за здравство на Р.М-ПЕТ Центарот сторила кривично дело „загадување на животната средина и природата“ по чл.218 од КЗ на РМ.