МЗТ Скопје на чекор до одбрана на титулата

Со три постигнати тројки како дел од дури 19-те поени само во продолжението, МЗТ Скопје Аеродром го совлада Куманово на гостински терен со 107-102 во веројатно еден од највозбудливите натпревари во сезоната. Аеродромци со предност од 2-0 во финалето, првата шанса за одбрана на титулата ќе ја имаат веќе во вторник во СЦ „Јане Сандански“.

Во натпревар кој изобилуваше со квалитетна кошарка, максимална борбеност и неизвесност во текот на сите 45 минути, актуелниот македонски шампион направи „брејк“ на теренот на Куманово и направи огромен чекор кон четврта титула по ред во Македонското Првенство. По тесниот пораз во Скопје, кошаркарите на Куманово уште од самиот почеток на натпреварот пред полните трибини со домашни навивачи најавија дека имаат сериозна намера да го изедначат резултатот во серијата. Урош Луковиќ беше главната фигура кај кумановци во првата четвртина, а по тројките на Мандиќ и Џекиќ домаќинот поведе со највисоки 27-18. Сепак, во последната минута од четвртината Урош Лучиќ предводеше серија за МЗТ која на стартот на вториот период достигна и 10-0 за пресврт на МЗТ и минимално водство на скопјани. Се играше генерално изедначено до крајот на првото полувреме, а Куманово откако повторно го превзема водството, на пауза замина со 51-46.

Во третата четвртина, Костоски и Караџовски одлично разигруваа а Џекиќ и Луковиќ успеваа да ја претворат таа добра игра во реализација за домашниот тим, кој стигна до прва двоцифрена предност од 58-48. преку Чапин, Шеховиќ и Николовски, МЗТ за момент се доближи до 65-61, но Куманово преку тројките на Јанески, Костоски и Караџовски одново поведе со двоцифрена разлика, која во пресрет на последните 10 минути од натпреварот изнесуваше 11 поени (76-65). Иако МЗТ на средината на четвртиот период комплетно ја стопи предноста на кумановци преку тројките на Марко Симоновски, домашните кошаркари со водство влегоа во самата завршница од четвртината, која изгледаше дека ќе знаат да ја претворат во триумф. Сепак, откако на 5 секунди до крај Караџовски погоди две слободни за Куманово и водство од 88-85, по прекршокот над Чапин, Словенецот реализираше едно слободно, намерно го промаши второто, а Симоновски прифати офанзивен скок и за само 2 секунди успеа да погоди за изедначување на 88-88 и продолжение.

А во продолжението, иако МЗТ ги имаше Самарџиски, Лучиќ, Мијатовиќ и Синовец надвор од теренот поради 5 лични грешки, Марко Симоновски повторно беше херојот за скопскиот состав. Симоновски погоди две исклучително важни тројки, Чапин додаде уште една и додека кумановци имаа проблеми со реализацијата на слободните фрлања, МЗТ знаеше да ја задржи предноста за голема победа од 107-102, која ги носи на чекор до титулата.

Сеад Шеховиќ кој играше константно добро за МЗТ го заврши натпреварот како најефикасен со 23 поени, 12 скокови и 7 асистенции, а носителот на победата Марко Симоновски дополни 21 поен со 2 асистенции. Одлично прво полувреме играше Данило Мијатовиќ, за на крајот да комлетира 19 поени со 8 скокови, а двоцифрени беа и Чапин со 16 поени и 9 скокови, како и Лучиќ кој додаде 10 поени. Кај Куманово, Бранислав Џекиќ беше најпрецизен со 23 поени, сепак највпечатлив беше настапот на Луковиќ со 20 поени и 10 скокови, Костоски кој на 6-те поени додаде 12 асистенции и 4 скокови, како и Димитар Караџовски кој повторно беше блиску до трипл-дабл со 14 поени, 9 скокови и 8 асистенции. Покрај нив, Вукашин Мандиќ постигна 19 поени.

По овој втор натпревар во Куманово, финалната серија се сели во Скопје, каде во вторник ќе се одигра третата средба. На неа, МЗТ Скопје Аеродром ја има првата можност да ја освои титулата, која за скопскиот состав би била веќе четврта во последните четири години.