Отворено спортско игралиште во Подмоље

На пригодна свеченост и со финален фудбалски натпревар, вечерва во охридското село Подмоље беше ставено во употреба повеќенаменското спортско игралиште за фудбал, кошарка и одбојка. Игралиштето кое се протега на површина од 750 метри квадратни е добро осветлено, оградено и хортикултурно уредено со пристапни патеки и скали кои водат до новите навивачки трибини.

Градоначалникот Никола Бакрачески кој вечерва се обрати пред присутните укажа на важноста од спортот и спортувањето, а најави и нови маалски и детски игралишта во градов.

„Ова повеќенаменско игралиште за фудбал , кошарка и одбојка ќе внесе нов, позитивен момент во секојдневието на мештаните. Ќе се согласиме дека, спортувањето и физичката активност се едни од најбитните сегменти во општествениот живот кој има повеќекратни позитивни ефекти врз идниот развој на сите нас . Спортската активност е клучен фактор за создавање на здрави генерации, какви што му се потребни на Охрид и Република Македонија. Токму затоа, ние како Локална власт правиме се за спортско пулсирање на градов. Ветеното го исполнуваме. Охрид веќе има 18 спортски игралишта а насочени сме кон изградба на останатите од вкупно 30 игралишта за маалски баскет кои треба да ги добие Охрид. Изградивме спортско игралиште во населба „Лескајца“, како и игралиштето за одбојка на песок во населбата Воска- Даљан. Во наредниов период на вакви маалски игралишта ќе се радуваат и жителите од други охридски населби и села. Во тек се активностите за изградба на игралиштата во селата,Трпејца и Лескоец а ќе се уредуваат и игралиштата во населбите, „Христо Узунов “, “Стобекс“, “Билјанини извори“ и во близина на Територијалната против пожарната единица во Охрид. Игралиште ќе има и на улицата „Крали Марко“.Ново детско игралиште ќе добие и населбата „Даљан“ а постоечкото игралиште ќе добие ново осветлување. Нов привлечен лик ќе дадеме и на детското игралиште кај мостот „Студенчишта“.Ваквите спортски игралишта битно ќе придонесат да се зголеми бројот на охриѓани кои практикуваат поздрав начин на живеење кој се темели на промоција на натпреварувачкиот дух, тимска работа и правила на фер плеј. Убеден сум , дека со вакви проекти ќе дадеме огромен придонес во градењето на Општество базирано на знаењето и јакнењето на духот и физичкото здравје пред се кај младите луѓе“ – подвлече градоначалникот Бакрачески, кој ги додели пехарите на фудбалските екипи кои покажаа најдобри резултати на фудбалскиот турнир и тоа ФК „Оровник“, ФК „Лавови“ и ФК “Бет Бојс“.

Повеќенаменското игралиште во с. Подмоље е проект на општина Охрид вреден околу 730 000 денари и е едно од ветувањата на градоначалникот Никола Бакрачески. Во реализацијата на проектот беа вклучени охридските јавни претпријатија.