Одиграна првата премиера „Најважната работа на светот“ во Велес

На големата сцена на новиот велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ синоќа се одигра првата премиера комедијата „Најважната работа на светот“, по текст на Братислав Димитров ,а ја режира Љубиша Георгиевски …

Претставата ја проследија и премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорѓе Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и заменик министерот Драган Недељковиќ, како и бројна публика.

Министерката за култура Канческа Милевска изрази благодарност до сите актери и вработени во театарот за нивниот придонес и посветеност.

„Велес е град со голема традиција и историја во областа на театарот и мислам дека самите вработени и пред се граѓаните кои се големи љубители на театарот заслужуваат да имаат еден ваков објект со најсовремени технологии кои што ги нуди сцената, за идна реализација на многу претстави“ ,истакна министерката Канческа Милевска.

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев искажа задоволство особено заради огромната заинтересираност од страна на граѓаните да ја погледаат, како што рече, новата претстава на велешкиот театар во новата театарска зграда.

Според актерката Весна Димитровска Бобевски потенцира дека отворањето на новата зграда на театарот во Велес е остварување на сонот на велешките актери.

Комедијата е забава за тие што гледаат за ние што ја правиме е навистина макотрпна работа, два месеци работевме и сега на вас останува да ја оцените, рече Георгиевски.Режисерот на претставата Љубиша Георгиевски по претставата во изјавата за медиумите, оцени дека оваа престава е историски настан.

Актерот Васил Зафирчев кој исто така е и уметнички директор на театарот во Велес изјави дека со нетрпение го чекале овој ден.

„Многу е тешко кога се работи комедија затоа што немате точно чувство на комуникација со публиката. Комедијата е еден од најтешките жанрови, затоа што се потпира токму со комуникација со публиката и практично реакцијата на публиката го диктира темпото на изведбата на претставата, а ова нас ни беше прва средба со публиката во оваа претстава,“ изјави Зафирчев.

Текстописецот на претставата Братислав Димитров во изјавата за МИА ни појасни дека за него принципот на работа е да работи колективно,а текстот според него е само убав повод, но надградбата на текстот ја прави режисерот, актерите сценографот, костимографот и останатите вклучени во претставата.

„Јас уживав во сцени и моменти кои што јас пишувајќи го текстот не ги замислував така и притоа убаво се изнанадував. Среќен сум што претставата воспостави одлична комуникација со публиката.Таа за мене не е само пасивен набљудувач туку активен соучесник во секоја театарска претстава“, потенцира Димитров.

Ристо Стефановски познатиот театролог на македонскиот театар, во изјавата за МИА, потенцира дека Најголемата работа на Велес му се случи токму со отварањето на новата театарска зграда.

„Во Велес се театарските почетоци во Македонија од страна на Јордан Хаџи Константинов Џинот. Тука е и првата театарската претстава, претставата „Страдалната Геновева“,во која игра и првата жена актерка во Македонија, учителката Танка Коларова. Велешкиот театар има мачна историја по Втората светска војна, бидејќи е сместен во стара и ладна зграда. И Борис Бегинов и Петре Прличко и редица други врвни актери работеа завиткани во ќебиња во тој стар и студен театар. Оваа нова насовремена и топла театарска зграда во Велес е и награда за нивниот огромен труд во театарот и тие вечерва како да се тука меѓу нас“, потенцира театрологот Стефановски.

08_Najvaznata_rabota_na_svetot 010_Najvaznata_rabota_na_svetot