Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека согласно објавените распореди на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, денес во 9:30 часот започна процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на вкупно 43.613 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование.
Според информациите од кол центрите, ангажираните тестатори и надбљудувачи, процесот се реализира непречено и согласно акцискиот план и дефинираната динамика, при што, заклучно со 12:00 часот истиот е целосно заокружен во 103 основни и средни училишта. До овој момент нема пријави за технички или проблеми од каква било друга природа.
„Во контекст на натписите во дел од медиумите посветени на прашањата кои се дел од процесот на екстерното тестирање на учениците, апелираме на понатамошна коректност во информирањето и елиминирање на сите обиди за нивно квалификување како нелогични и несоодветни за учениците на одредена возраст, или пак, во краен случај додавање на политичка конотација на содржината.
Би сакале да информираме дека сите прашања коишто се дел од процесот на екстерното тестирање се изведени и изготвени согласно наставните планови, програми и цели. Истите се прилагодени на возраста на учениците и развојните карактеристики на соодветната возраст.“– велат од МОН.
Дополнително, прашањата се јавно објавени еден месец пред почетокот на тестирањето, при што достапна е и можноста за секое прашање доколку некој од учениците или било кој граѓанин забележи извесна грешка од техничка или друга природа, која е возможно да постои имајќи ја во предвид количината на прашањата, да пријави со само еден клик на апликацијата/прозорчето поставено веднаш до секое прашање на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.
„Доколку во меѓувреме додека трае тестирањето се констатира извесна потреба од корекција на прашање, информираме дека ниту еден ученик нема да биде оштетен со одземање на бодови при оценувањето, туку напротив, тоа прашање нема да се земе во предвид при формулирањето на конечната оценка од тестот.“- додаваат оттаму.
Од МОН потсетувуваат дека екстерната проверка на постигањата на знаењата на вкупно 183.280 ученици и проверка на објективноста на оценувањето на 17.803 наставници по 7.560 предмети, започна на 2.6.2015 година и ќе трае заклучно со 10.6.2015 година. Резултатите ќе бидат објавувани етапно, при што, поради претстојните уписи во задолжителното средно образование, предност ќе имаат деветто одделенците.