Денот на екологијата 5 Јуни кој годинава глобално го краси мотото „Седум милијарди сништа, Една планета. Грижливо користете ја“ не треба да биде само ден на кој уште еднаш ќе проколнуваме зошто не се грижиме за животната средина туку ден да се потсетиме и научиме колкаво е значењето на екологијата во далеку посериозни сегменти. Да проговориме колкава е важноста на екологијата при носењето на политички одлуки и за економските движења. Затоа во годинешнава колумна ќе проговорам кратко токму за тоа.
Екологијата во контекст на носењето на политички одлуки е исклучително силен инструмент кој преку своите механизми го одредува правецот и на генералните политики во општеството. Еколошките аргументи се силен предизвик кој треба да предизвика промени во размислувањето и преставуваат всушност адвокатура за животната средина. Од тие причина општеството треба колку е побро можно да премине од човечкиот ЕГОизм во човечки ЕКОизам што е веќе филозофија на едно понапредно општество. Еко систем на функционирање се смета функционирањето кое во основа се грижи за добробитот на целиот систем и за целокупен економски, еколошки и социјален баланс на човекот, институциите и природата. Се карактеризира со зголемен степен на индивидуална свест, будност и присутност. Тоа би подразбирало поголем респект кон дијалогот како форма и поголем респект кон прашањата за важноста не екосистемите и животната средина при носењето на одлуки. Ако ова се согледа низ призмата на легистлативата, општеството ( и кај нас е така) има еден силен инструмент наречен Оценка на влијание врз животната средина кој е законска обврска и преку кој екоизмот станува суштина. Преку овој механизам се става законска еколошката димензија при секој зафат, инвестиција, промена, урбанизација, туризам, земјоделие и низа други сектори. Или наједноставно кажано, без еколошките аргументи не смее да се донесе речиси ниту една одлука или зафат. И тоа е добар знак за екологизирање на општеството,затоа што сакал некој или не екологијата е во суштината на секое делување, од економијата, преку правото, образованието и здравството, земјоделието, рибарството посебно, урбаното планирање, адаптација кон климатските промени, развојот на туризмот, инвестициите. Затоа екологистите треба да ја одиграат главната улога бидејќи по дефиниција екологист е човек кој го поддржува политичкото и етичкото движење во насока на борба за зачувување и унапредување на животната средина. Во тие се впишувам и себеси. Ако го пресликаме ова значење на локални рамки борбата со аргументи за заштита на Охридско преспанскиот регион, за блатните површини, за шумските предели и национални паркови и богатства е токму таа борба на аргументи. Меѓународниот сенс ја признава таа борба и затоа во овој регион го слева интересот преку поддршка на процеси и иницијативи (Биосферен резерват, УНЕСКО, управување во Дримски басен, рехабилитација на колекторски ситем , заштита на биодиверзитетот….).
Но, спротивно на мислењето дека екологистите сакаат нешто да спречат, мисијата е сосема поразлична. Клучниот развоен елемент во екоизмот е развојот на зелената економија и инвестиции. Таа е фокусирана на неколку гранки: енергетика, земјоделство, управување со водите и водните ресурси, шумарство, транспорт, градежништво и туризам. Економскиот развој во општеството може да биде посигурен томку преку зелено инвестирање во овие сектори. На примерот на туризмот во нашиот регион може да се согледа дека инвестирањето во здрава животна средина, нејзините медиуми и сочувување на биодиверзитетот е клучно за интересот на туризмот и за квалитет на туристи и нивен економски придонес во локалната економија. На крајот на краиштета екологизмот е култура на живеење, културолошки проблем или свест а односот кон животната средина може да биде цивилизациски или варварски. Впрочем, демоните се сеуште длабоко всадени во нас или околу нас. За разбивање ни е потребна едукација и чин кон тоа би било воведување на екологија како настава во образовниот систем па и воведување на рубрика екологија во медиумскиот простор.
Сметам дека треба да почнеме поинтензивно да работиме токму на овие прашања: екологија во политичките одлуки , екологија во економските политики и развивање на екоизмот како филозофија на општеството. Секој почнувајќи од себеси. Сум бил во ситуација да ги бранам еколошките аргументи при носење на одлуки, тоа некогаш било почитувано, некогаш победиле други аргументи но, на маса мора да бидат извадени еко аргументите без разлика на епилогот. Тоа е наша одговорност пред општеството. Ако се погледне наназад факт е дека многупати биле прифатени токму еколошките аргументи и при носење на одлуки и при носење на иницијативи и проекти. Тоа е основа за внесување на екоизмот како делување, на дијалогот како форма, на аргументите како пристап и на оценката за влијанието како закон. Лично можеби ако не бев екологист ќе бев подобар политичар, или ако не бев политичар ќе бев подобар екологист. И без оглед на се, останувам екологист пред се. И тоа од оние конзервативни екологисти кои и како стручен но и како политички дел сметаат дека добро управување во општеството секогаш поаѓа од грижата за подобрување на квалитетот на живеење и условите за сигурна иднина. Таа одговорност за заштита на ресурсите е основа и наследство на конзерватизмот кој покрај принципите за заштита на политичките, религиозните, финансиските и културните елементи, треба да го има истиот пристап и однос и кон животната средина. Таа определбата и посветеност бара проактивен пристап без разлика на конечните одлуки и без оглед на фактот дека сеуште екологистите не се омилениот фактор при носењето на одлуки . Ама мора да бидат барем респектираниот дел.
Ќе завршам со пораката на Махатма Ганди каде го фокусира токму ЕГОизмот наспроти ЕКОизмот дека „Земјата дава доволно да ги задоволи потребите на секој човек, но не да ја задоволи и неговата алчност “.
Дејан Пановски
-екологист Охрид-
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.