Нови хотели за повеќе посетители во туристичките центри во Македонија

Со изградба на повеќе хотелски комплекси ќе се збогатува понудата во туристичките центри во Република Македонија, а со цел да се зголеми бројот на посетители.

На охридското крајбрежје засега е најавена изградба на три луксузни хотели, а во Дојран неодамна беше најавена изградба на уште два хотелски комплекси со што дополнително ќе се зголеми понудата за посетителите и во двата туристички центри.

На почетокот од годинава на охридското крајбрежје започнаа активностите за изградба на луксузен хотел.

За две години туристичката понуда на Охрид ќе биде збогатена со хотелскиот комплекс на светски познатиот хотелски бренд „Small luxury hotel“. Овој хотел се гради на атрактивната локација близу Хотелот „Инекс Горица“,а инвеститор е македонската компанија „Дивелоп груп“.

„Со тоа охридскиот хотелски туризам влегува во една нова насока, кога следеќи ги барањата и потребите на туристите кои што доаѓаат во Охрид се менува и квалитетот. Односно стандардите се подигаат на едно повисоко ниво, онакво какво што Охрид заслужува“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Од локалната самоуправа најавуваат изградба на уште два луксузни хотели. Едниот близу каналот Студенчишта,а другиот кај туристичката населба „Свети Стефан“. На тој начин се очекува во Охрид да почнат да доаѓаат и поелитни туристи, кои досега беа реткост на охридското крајбрежје.

„Завршени се сите подготвителни работи. Се привршува урбанистичко планската документација со цел да се обезбеди можност за изградба на луксузни хотели. Со тоа Охрид ќе влезе во една нова ера кога инвеститорите се стимулираат да градат хотели од висока категорија, односно она што на градот Охрид му недостига, а за кое што гостите кои што престојуваат имаат барање и афинитети“, вели Бакрачески.

ohridskoto

За изградба на хотелите има заинтересирани инвеститори од Катар, Турција, Индија и Кина.

Во последните неколку години се поголем е бројот на туристи што одлучуваат да одат во Дојран. По надминувањето на еколошката катастрофа и враќањето на водата во езерото, ова туристичко место почна да доживува вистинска преродба.

Со цел да се збогати понудата и ова место да стане уште попривлечно за туристите најавена е изградба на уште два нови хотелски комплекси. Локациите веќе се купени, а изградбата на новите модерни хотели треба да започне на есен.

Според најавите новите хотелски комплески покрај сместувачките капацитети ќе понудат и голем број новини кои му недостасуваат на Дојран. Во едниот од нив планирана е изградба и на спа центар, содржина која досега ја немаше во овој туристички центар.

„Двете локации кои беа сопственост на општина Дојран продадени се на два инвеститори, познати македонски брендови во делот на угостителството. Се работи за хотели со капацитет за некаде од околу 100 легла што за Дојран претставува сосема доволно или голема бројка на сместувачки капацитети. Она што ни е нам важно и значајно е тоа што успеавме да се заврши процесот до крај. Следува проектирањето на самите хотели, издавањето на одобренијата за градба и почеток на градењето некаде по завршувањето на летната сезона во септември. Како што има најави од инвеститорите во едниот хотел ќе има и спа центар со што за прв пат во Дојран ќе се понуди и една нова содржина. Со ова на некој начин се заокружува нашата работа и сето она што во изминатите две години го правиме конечно вродува со плод“, вели градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов.

Локациите кои веќе се продадени не се единствените на кои се планирани нови сместувачки капацитети. Од локалната самоуправа велат дека тие располагаат со уште неколку локации за кои имало интерес. Покрај домашни интерес пројавиле и повеќе странски инвеститори. Голема странска компанија со која подолго време се воделе интензивни преговори била заиинтересирана да инвестира во туристичко развојните зони.

Извор: tocka.com.mk