По повод 5 jуни – Светскиот ден на животната средина, а од минатата година дел и од настаните на листата на Обединетите Нации – програмата за животната средина UNEP, се одржува Trash Fashion Macedonia 2015 натпревар на модни креации изработени со редизајнирани материјали од отпад. Петтото јубилејно издание на Trash Fashion Macedonia кое ги обединува средношколците од цела Македонија во модно шоу со кое на креативен начин се одбележува Светскиот ден на животната средина ја преполни дансинг салата во Младинскиот културен центар во Скопје.
Во својата креација вредните средношколци од Угостителското училиште „Ванчо Питошески“ вметнаа различни материјали и предмети од отпад, како салфети, амбалажи, црни пластични кеси, јутени вреќи, капачиња од лименки, гуми за џвакање, стари телефони и тастатури.
Покрај трите главни награди жирито изгласа и уште седум креации, со што топ-10 моделите од петокот, 5 јуни, се на аукција во Швајцарската амбасада. Собраните средства од аукциската продажба ќе бидат наменети за фондот за своите училишта.
Пофалбата за учениците од ова училиште беше за рачно изработениот накит.
Trash Fashion Macedonia 2015 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Целта на овој настан е подигнување на општествената свест за зачувување на природата и намалување на отпадот преку негова реупотреба.