Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски оствари средба со народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети.
На средбата соговорниците разменија мислења за состојбата и почитување на слободите и правата на граѓаните во поглед на институционална поддршка, работата на институциите кон промовирање на овие вредности, како и заедничките ангажмани во насока на стимулирање и остварување на нивна заштита.
Премиерот Груевски изрази поддршка на работата на Народниот правобранител која е во функција на превенцијата и заштитата на правата на граѓаните. Тој посочи дека сите субјекти, тела и институции во државата треба да ја поддржат неговата работа и дејствување во правец на квалитетна и ефикасна заштита на правата на граѓаните.
На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на законските капацитети и решенија кои ќе ја подобрат работата на народното правобранителство, како и кадровско зацврстување со цел ефикасно и квалитетно извршување на функцијата и целите.
Премиерот Груевски на средбата истакна дека една од значајните владини определби е почитување на слободите и воспоставување на систем на владеење на правото, како најодржлива форма за почитување на темелните слободи и права. Премиерот Груевски истакна дека значаен елемент е и постигнувањето на транспарентност за што голем број на процедури и правила кај владините институции беа поедноставени со цел да се излезе во пресрет на граѓаните. Соговорниците се согласија дека постојат уште предизвици кои треба да се надминат во поглед на подобрување на заштита и ефикасното спроведување на правата за што премиерот Груевски истакна дека Владата е подготвена во соработка со субјектите вклучително и Народниот правобранител, да влијае и придонесе за понатамошно унапредување на заштита и почитувањето на граѓанските права.
Народниот правобранител, Иџет Мемети изрази задоволство од подготвеноста на Владата да се влијае во насока на унапредување на стандардите и ја истакна својата поддршка за напорите за зајакнување на капацитетите и остварување на дополнителен напредок во заштита на правата.