Денеска на маргините на Регионалениот Форум на Министри за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ кој се одржа во Скопје, министрите за внатрешни работи на Република Македонија м-р Митко Чавков и на Црна Гора г-дин Рашко Коњевиќ остварија билатерална средба. Двајцата министри се согласија за успешната досегашна соработка помеѓу двете министерства што само ги потврдува добрите односи меѓу двете земји на сите полиња. Исто така на средбата беше истакната и отвореноста за континуитет и продлабочување на досегашните односи како и продолжување на реализација на проектот за присуство на полициски службеници од Република Македонија во туристичките места во Црна Гора во летниот период. При што ќе биде задржан досегашниот формат, односно во три наврати по два полициски службеника да бидат упатени на црногорското приморје кои би биле контакт и сервис за македонските туристи.
Исто така на средбата беше понудена помош за Република Македонија во однос на поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори кои Црна Гора веќе ги има отворено како и користење на нивните искуства во досегашните преговори.
Министрите Чавков и Коњевиќ исто така оценија дека поради актуелноста во моментот е потребно зголемување на размената на информации за борбата против тероризмот како и информации за лица кои учествуваат во кризните жаришта низ светот.