Извештај од консултативен состанок со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за експресниот пат Охрид – Пештани

ЕБОР како финансиер на предложениот експресен пат Охрид-Пештани (предвидена вредност: 50 милиони евра) оваа недела организираше серија консултативни состаноци со невладиниот сектор и со локалната власт.

Состанокот го водеа локални претставници од ЕБОР, како и виш службеник од Одделот за животна средина и одржливост/седиште на ЕБОР во Лондон, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – изработувач на предлог-проектоти тим експерти најмени од ЈПДП. Предлог-проектот го презентираше вработен од ЈПДП Македонија.

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ беше поканета на состанокот со НВО секторот. На состанокот покрај Иницијативата беа присутни и претставници од Хидробиолошкиот завод во Охрид, Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“, Здружение за заштита на животната средина „Грашница“, Туристички кластер „ЕДЕН“, Црвен Крст Охрид, Асоцијација на жени „Бисера“, Асоцијација на еколошки фармери „Гица Инкубатор“ и Туристичка асоцијација.

Присутните граѓански организации остро се спротивставија на имплементацијата на предлог-проектот поради повеќе причини:
1. Во зоната на активно управување (каде што е незаконски да се гради), патот зафаќа 49,75 ха и на тој начин ефективно уништува 76,64 ха од зоната за активно управување

2. Вкупната површина на предлог проектот се протега на 324,62 ха, од кои310,46 ха се заштитена површина на Националниот парк

3. Незаконска и неприфатлива промена во зоните на заштита во Националниот парк (за проектот да може да се имплементира треба да се симне нивото на заштита на одредени зони!)

4. Планскиот документ не е во согласност со целите на Планот за управување (ПУ) со Нац. парк Галичица

5. Ќе се уништи заедницата македонски даб (Quercus macedonicus) дефинирана во Директивата за хабитати како приоритетно живеалиште, која според предлог-проектот се наоѓа кај јазолот Трпејца

6. Предложените промени во ПУ се спротивни на примарната цел IV од ПУ којашто гласи: „Урбанизацијата во Паркот е контролирана и во функција на одржливиот развој и квалитетот на животот во локалните заедници“
7. Предвидените проекти, за коишто се врши и измена на зонирањето на паркот што претставува брутално непочитување на постојниот валиден документ, не се дел од Акциониот план за спроведување на стратегијата за развој на туризмот во НП Галичица

8. Постои огромен ризик изградбата на патот да ги наруши подземните водени текови кои го напојуваат Студенчишкото Блато, што може да значи дека блатото може да се уништи, а доколку се уништи блатото, во многу скоро време ќе се уништи и езерото

9. Експресниот пат не е економски одржливо решение бидејќи по него не смее да се движат пешаци и велосипедисти. Ова ќе го наруши природното движење на авантуристите кои сега може да стигнат до планината директно од сместувачките капацитети. Патот ќе создаде вештачка бариера и ќе ги одврати ваквите туристи да го посетуваат Охрид за да практикуваат ваков тип на туризам, кој е најисплатливата туристичка алтернатива бидејќи трае во текот на целата година и не е ограничена на одредено годишно време

10. Експресниот пат не е финансиски оправдано решение бидејќи сообраќајниот метеж е проблем само приближно триесетина денови во годината (15 јули-20 август) и тоа не по цели денови, туку само двапати дневно околу 10-11 ч. претпладне и околу 19-20 ч. навечер.

Единствената граѓанска организација која го поддржа предлог-проектот, притоа не придавајќи им важност на штетните последици врз животната средина, односно, занемарувајќи ги целосно штетните последици кои ќе ги предизвика овој проект, беше Туристичката Асоцијација. Нејзиниот претставник кажа дека експресниот пат ќе биде одлична придобивка за Охрид и неговиот туризам, така што ќе помогне во оживување на неговата замрена економија. На неговиот став се спротивстави Иницијативата Охрид ЅОЅ велејќи му дека овој проект значи уништување на паркот, што всушност е уништување на планината (и индиректно на езерото). Охрид ЅОЅ го нагласине побитниот факт дека Охрид е туристичка атракција токму поради својата природа, затоа, да се збрише природата на Охрид ќе значи Охрид да се избрише од светската карта на туристички
дестинации.

Претставничката од НВО „Бисера“ ја изрази својата загриженост за состојбата на постојниот пат.Имено, таа кажа дека во „шпицот“на летната сезона речиси е невозможно амбулантно возило дастигне навреме доколку има потреба од итна интервенција. Спомна два случаја – еден на загинатпараглајдерист и еден случај на смрт поради давење. Меѓутоа, нагласи дека имплементацијата напроектите во овој регион треба да биде во целосна согласност со националната и меѓународната легислатива, како и дека животната средина треба да биде високо на листата со приоритети.
Истакна дека новите проекти не смее да имаат неповратни негативни последици како што стои во моменталната СОВЖС (Стратегиска оцена за влијание врз животна средина) која во моментов се ревидира.

Граѓанските организации изразија загриженост за приказната зад експресниот пат. Истакнаа дека имајќи ги предвид гореспоменатите негативности поврзани со имплементацијата на проектот, причините за негово спроведување делуваат сомнителни и невистинити. Според нив вистинската цел на овој проект е иницијална фаза од реализацијата на ски-центарот Галичица кој е уште еден несакан, бескорисен и исклучително штетен проект што ќе значи уништување на Националниот Парк. Граѓанските организации подвлекоа дека во Македонија има седум ски-центри, но дека ниеден од нив не функционира соодветно, ниту е посетуван од многу туристи. Всушност, минатата година ски-центарот Кожуф не го посети ниеден турист бидејќи патот што води до него беше затрупан со неколку метри висока снежна покривка и цела сезона надлежните не најдоа слободно време да го расчистат. Сепак, граѓанските организации сметаат дека постојниот пат има потреба од реконструкција и дека напорите треба да се насочат таму – да се најде најсоодветно решение како ова да се изведе. Охрид ЅОЅ подвлече дека Македонија е земја-кандидат за влез во ЕУ и како таква треба да ја почитува и да се залага за стратегијата на ЕУ – паметен, одржлив и инклузивен раст. Уништувањето на природата за краткотрајна финансиска придобивка е движење во спротивна насока.

Иднината на Охрид е алтернативниот туризам – активности кои ќе привлекуваат туристи во текот на целата година, не само во една сезона. Сите присутни граѓански организации се согласија со оваа констатација.

Состанокот беше затворен со кусо излагање на претставниците од ЕБОР кои истакнаа дека СОВЖС за НП Галичица се ревидира. Потоа ќе следуваат студии за проценка на биодиверзитетот и за мапирање на хабитатите долж трасата (ЈПДП има најмено француска компанија по препорака на ЕБОР за овие две студии, кои ќе соработуваат со локални експерти), а ќе се направи и студија за проценка на влијанието врз природното и културното наследство (во соработка со УНЕСКО).

Ревидираната СОВЖС се очекува да биде готова до крајот на јуни 2015 г. НП Галичица како нарачател на студијата ќе организира јавна расправа во согласност со националните процедури и СОВЖС ќе биде отворена за коментари 120 дена по нејзиното објавување.

На самиот крај Охрид ЅОЅ ја потсетија ЕБОР на нејзините вредности – поддршка на демократијата, залагање за одржливо општество и за чиста животна средина, воедно апелираа до неа да одржи тоа што ветила:

„Настојуваме проектите кои ги финансираме да бидат одржливи и од аспект на животната средина и од социјален аспект, да подразбираат почитување на правата на работниците и заедниците и да се конципирани и менаџирани во согласност со националната легислатива и добрите меѓународни практики.“-велат од ЅОЅ .

Зачудувачки е фактот што ЕБОР воопшто земал предвид ваков контроверзен проект што подразбира менување на зони со намалување на заштитата и уништување на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Искрено се надеваме дека ЕБОР ќе си остане доследна на вредностите и принципите и дека ќе се повлече од овој проект што фрла темен плашт врз иднината на Охрид.

На состанокот со локалната самоуправа само една месна заедница – МЗ Лагадин, беше против предлог-проектот и својот став го поткрепи со аргументи извлечени од постоечката СОВЖС. Претставникот од МЗ Лагадин, претседателката Илина Арсова, во целост се согласува со гледиштата и ставовите на невладиниот сектор, како и на домашната и меѓународната научна елита.

mapa patot i zoniranje 2 mapa patot i zoniranje 3 Mapa patot i zoniranje