Министерот Спасов на Меѓународната конференција на трудот во Женева

Владата на Република Македонија во своите стратегиски приоритети и цели го има отворањето нови работни места, односно намалувањето на невработеноста. Овие цели се реализираат преку примена на ефикасни активни политики за вработување, при што континуирано се следи и подобрува процесот на вработување на различни категории граѓани преку бројни програми и мерки за вработувања.

Ова го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во обраќањето на 104. сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева.

Од мерките кои придонесуваат за зголемување на вработеноста, Спасов ги посочи Годишниот акциски план за вработување, Стратегискиот план за вработување на Владата кој игра, како што рече, значајна улога во драстичното подобрување на вработеноста во последните години.

Министерот се осврна и на годишните оперативни планови со кои се дава помош и поддршка за вработување или работно ангажирање на различни целни групи кои потешко би можеле да се вклучат на пазарот на труд, ранливи категории граѓани или лица кои ги изгубиле работните места по различни основи.

Спасов ги запозна присутните и со новиот проект „Македонија вработува“ кој покажува солидни резултати во зголемување на вработеноста на различни категории на граѓани и од кој се очекува придвижување на економијата, забрзано ефективно отворање и создавање нови работни места во приватниот сектор, но и спроведување политики кои ќе им помогнат на невработените лица од различна возраст и со различен статус да се вработат.

Мерка за вработување, чија примена е во тек и за која Спасов истакна дека има успешна имплементација е Програмата за самовработување со која се постигнува намалување на невработеноста и отворање нови работни места преку поттикнување на претприемништвото и почнување сопствен бизнис на поединците.

Во обраќањето, министерот ги спомна и големиот број обуки за невработени кои се спроведуваат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија.

„Владата на Република Македонија е силно посветена на развивање и унапредување на социјалниот дијалог во државата со социјалните партнери, а со поддршка на Меѓународната организација на трудот“, истакна Спасов, додавајќи дека сериозен исчекор е направен со формирањето на новиот Економско-социјалниот совет во 2010 кој во континуитет разгледува и дава мислење и препораки за одделни прашања од економската и социјалната сфера и постигнува видливи резултати, како носењето на Законот за минимална плата, утврдувањето на правилниците за безбедност и здравје при работа со кои се обезбедува заштита на работното место и здравјето на работниците, повеќе измени на Законот за работните односи и други чувствителни прашања кои ги засегаат работодавачите и работниците.

Спасов потенцира и дека Меѓународната организација на трудот и дава огромна поддршка на Република Македонија, а конкретен чекор во тој правец е потпишувањето на новата Национална програма за пристојна работа 2015-2018 година чии главни цели се унапредувањето на правата на работното место, поттикнувањето на можностите за пристојно вработување, подобрувањето на социјалната заштита и зајакнувањето на социјалниот дијалог.

На сесијата посветена на олеснувањето на преминот од неформална во формална економија министерот за труд се осврна и на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог” вреден околу 1,3 милиони евра и финансиран од ЕУ, а во чија имплементација има удел и Меѓународната организација на трудот.

На Конференцијата во Женева ќе се разгледува извештајот за примената на конвенциите и препораките, а главни теми се „Мали и средни претпријатија и пристојно и продуктивно вработување – општа дискусија”, „Олеснување на преминот од неформална во формална економија – воспоставување стандард”. Ќе се води и дискусија за стратегиските цели на социјалната заштита, односно трудовата заштита, како продолжение на Декларацијата на МОТ за социјална праведност за праведна глобализација.

Во состав на македонската делегација што ја предводи Спасов се и претставници на репрезентативните синдикати и организации на работодавачи.