Јавен повик за вклучување на месните заедници од охридско-струшкиот регион во голема акција за чистење на крајбрежјето на 21-ви јуни

Активистите на граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ ги повикуваат месните заедници од охридско-струшкиот регион да се вклучат во заедничка голема акција за чистење на охридското крајбрежје на 21-ви јуни  – првиот ден од летото и Денот на езерото.

„Нашите волонтери ќе чистат во реонот на Студенчишко Блато, но сметаме дека сите плажи кои се користат во текот на летната туристичка сезона треба да бидат цел на оваа акција. Од таа причина ги каниме локалните месни заедници да ни се приклучат така што ќе ги активираат своите жители за чистење на плажите во своите заедници. Ајде заеднички да покажеме дека сме освестени за природата што нè опкружува, дека сме свесни за огромната одговорност, дека вистински се грижиме за нашето светски признато природно и културно наследство и дека ни е важно какво ќе им го оставиме на наредните генерации.

Засега е единствено потврдено вклучувањето на МЗ Лагадин, каде што освен што ќе се чистат локалните плажи, ќе има и мала изложба на уметнички дела со природата на Охрид и езерото како инспирација.

Ги молиме сите заинтересирани месни заедници да нè контактираат на телефонските броеви 078 369 445 и 078 272 664. Ве очекуваме во што поголем број.

Да запомниме – ние не ѝ требаме на природата, таа ни треба нам!“ -велат од граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“.