Македонија, како земја претседавач со Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), денеска во Охрид е домаќин на Министерскиот состанок на министрите за надворешни работи на државите членки на ЦЕИ.
Заклучокот на шефовите на дипломатиите на шесте земји од Западен Балкан, Австрија и Италија на работниот појадок го изнесе македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
„Сите земји од Западен Балкан имаат иднина во ЕУ и таа иднина ги определува и перспективите на земјите од нашиот регион. Таквата иднина мора да биде заокружена со една јасна временска рамка. Без таква временска рамка би го намалиле кредибилитетот на таа извесна европска иднина, која е пропагирана во рамки на Берлинскиот процес и веруваме сите дека ќе биде потврдена на следната Виенска конференција во август“, изјави Попоски.
Потенцира дека е нагласена важноста за временска рамка бидејќи беше упатена порака дека на краток рок ниту една од нашите земји нема да влезе во Унијата.
„Краток рок е мандатот на оваа Европска комисија. Но, мораме да имаме некаква рамка која ќе ни даде хоризонт во кој временски период може да очекуваме земјите да се приклучуваат кон ЕУ и ќе и ја зголеми физибилноста на таа идеја“, нагласи Попоски.
Се разговарало и за миграцискиот феномен, проблем со кој се соочуваат сите земји од регионот, особено оние кои се по коридорот од Грција до западноевропските земји.
„Огромни напори се вложени на ниво на ЕУ и тоа што го упативме од тука како порака е дека мораме да имаме една сеопфатна стратегија, која ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења“, истакна Попоски.
Според него, било разговарано и за последните развои во поглед на Берлинската агенда.
„Не очекува Виенската конференција во август на која главни теми ќе бидат инфраструктурното поврзување во регионот, како главен фактор за економски развој и подобра поврзаност меѓу земјите во регионот. Во тој контекст ќе бидат истакнати и неколку регионални проекти, кои се идентификувани како приоритетни и за кои ќе бидат посветени дел од средствата кои се мобилизирани од ЕУ и меѓународните финансиски институции, а се однесуваат на енергетски и патни и железнички коридори во регионот,“ рече министерот Попоски.
На конференцијата присуствува и премиерот Никола Груевски, кој ќе се сретне со министрите за надворешни работи на Италија, Бугарија и Унгарија, Паоло Џентилони, Даниел Митов и Петер Сијарто.
Учесници на состанокот на ЦЕИ се министри за надворешни работи, нивните заменици и претставници од министерствата за надворешни работи од Македонија, Албанија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Унгарија, Италија, Словенија и Украина.
Присуствуваат и претставници од Европската унија, Европската банка за реконструкција и развој, Секретаријатот на ЦЕИ, ОБСЕ, Советот на Евртопа, Советот а балтичките држави..