Се инсталира ангиограф за кардиолошки и радиолошки процедури во ГОБ „8 Септември“

Во тек е инсталација на новонабавениот ангиограф во Градската општа болница „8 Септември“, чија вредност е околу 35 милиони денари. Монтажата треба да заврши кон крајот на овој месец и ангиографот ќе биде пуштен во употреба на 1 јули. Ќе има тестирања, мерења, дали има радиолошки зрачења и од 1 август ќе се почне со регуларна работа, прво со интервентната радиологија. На ангиографот ќе се работат и кардиолошки и радиолошки процедури.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети ГОБ „8 Септември“ по што изјави дека таа јавна здравствена установа ќе биде дел од кардиолошката мрежа во Република Македонија и втор ваков центар во јавно здравство во Скопје покрај Универзитетската клиника за кардиологија, каде се инсталирани три ангиографи. Ова, појасни, ќе биде практично четврти ангиограф на кој ќе се работи интервентна кардиологија и втор ангиограф на кој ќе се работат радиолошки процедури.

Посочи дека кардиолог ќе работи интервентни процедури, коронарографии и стентирање, а радиолог ќе работи интервентна радиологија. Тие биле на едукација во Охрид, Дедиње и во Цирих и самостојно имаат изведено поголем број процедури.

„Планирана е и соработка со Институтот во Дедиње од каде планираме да имаме интервентен кардиолог, кој на почеток при комплетното воведување или отпочнувањето со работа ќе биде присутен во ГОБ „8 Септември“, ќе живее и работи во Скопје,“ рече Тодоров.

Се спроведува, потенцира, истиот принцип според кој ја развивме интервентната кардиологија во Штип и Струмица, се додека комплетно не се осамостои еден цел тим на интервентни кардиолози. Слично се планира и за интервентна радиологија да има експерти или специјалисти од таа област од странство кои повремено ќе доаѓаат тука со цел воведување нови методи кои воопшто не се работат во здравството во Република Македонија.

Појасни дека висок европски стандард е на 200.000 жители да има еден инсталиран ангиограф. Со сите ангиографи кои ги имаме инсталирано и ставено во функција во Скопје, Охрид, Штип, Битола, Струмица, Тетово и овој во ГОБ „8 Септември“, истакна министерот, ние сме веќе над европскиот стандард односно имаме поставено многу висок стандард на кардиолошка мрежа во Република Македонија.

„ГОБ „8 Септември“ делува како еден од првите ургентни центри не само во Скопје, туку и во Македонија, каде многу пациенти кои доаѓаат, се транспортираат на Универзитетската клиника заради коронарографија и стентирање, а со почетокот на функционирањето на ангиографот сите тие пациенти ќе бидат згрижени во оваа установа, со што значително се подигнува и степенот на здравствени услуги и нивото на целата здравствена установа“, додаде Тодоров.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев рече дека во екипата интервентни кардиолози со новопримените тројца доктори специјално за интервентна радиологија и со четворица кои се ориентирале од кардиологија за интервентна кардиологија до крајот на годината или можеби малку подоцна, ќе има седум доктори кои ќе бидат вклучени исклучиво во интервентната кардиологија.

Значи, потенцира, ќе бидеме 24 часа подготвени за решавање на сите ургентни кардиолошки состојби односно срцеви инфаркти без нивно препраќање до Клиниката за кардиологија, без губење на време.

„Следат и други проекти. Очекуваме дека и болницата „Филип Втори“ набрзо ќе ги напушти нашите простории за да можеме да се прошириме во тие два полуспрата, каде веќе имаме интерес за спортска траума, неврохирургија и дополнување на останатите гранки од интерната медицина како ендокринологија и ревматологија за кои веќе имаме субспецијалисти“, додаде Стојчев.