Во насока на што поголема транспарентност и отчетност, а како дел од активностите на градоначалникот, Никола Бакрачески, за комуникација со граѓаните, денес на култната тераса од комплексот „Летница“, оствари повеќе неформални средби со охриѓани.
„Решивме да организираме еден нов вид на комуникација со граѓаните на Охрид на отворено место за кое што сметаме дека граѓаните на некој начин ќе бидат ослободени од стегите на формалностите кој што тие или ние треба да ги приредуваме во кабинетот или канцелариите од секторите во општина Охрид“ – рече градоначалникот Бакрачески.
Денешната средба со граѓаните протече во една релаксирана атмосфера во која граѓаните своите проблеми му ги пренесуваа лично на градоначалникот. Најголемиот број од нив се однесуваат на урбанизмот, комуналната сфера, даноци и процесот за легализација на бесправно изградени објекти. Покрај проблемите, граѓаните даваа идеи за решавање или подобрување на условите за живот, како и предлози за подобрување и продолжување на туристичката сезона.
„Она што посебно ме радува е тоа што граѓаните доаѓаат за нешто што е реална нивна потреба. Доаѓаат за решавање на проблеми од различни области на живеењето, од комуналната инфраструктура, реализација на одредени урбанистички планови, легализации, кои ние навистина во изминатиот период ги решававме со многу забрзано темпо и вложивме многу напор за да се внесе нов импулс во динамиката на решавање на овие проблеми“ – истакна градоначалникот Бакрачески.
Ваквиот начин на непосредна комуникација, наиде на одобрување и од граѓаните но и од службите во Локалната самоуправа. Непосредната и неформалната комуникација поттикна голем интерес кај граѓаните кои коментираа дека овај начин е подобар и покорисен поради личниот контакт, отколку формалните средби во канцелариите.