На денот на Охридското Езеро, Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ и граѓанската иницијатива ОХРИД ЅОЅ, објавија меѓународна петиција за зачувување на езерото и Националниот Парк Галичица.
ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОПСТАНАЛО МИЛИОНИ ГОДИНИ И БИЛО СВЕДОК НА МНОГУ НЕШТА: ОД СОЗДАВАЊЕТО НА ЧОВЕЧКАТА РАСА И ПРВИТЕ ЦИВИЛИЗАЦИИ, ПРЕКУ ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА ВИЗАНТИСКАТА ИМПЕРИЈА, ДО НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНИЈА, НО НАЈНОВИТЕ АПСУРДНИ ПЛАНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА МОЖЕ ДА ДОНЕСАТ КРАЈ ЗА ОВОЈ РЕДОК БИСЕР НА ПРИРОДАТА И ЗА БЛИСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ПАРК!
Охридското Езеро не е само најубавото и најзначајното езеро во Македонија, неговите вредности се уникатни во глобални рамки: со проценета старост од околу 4 милиони години, Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите во целиот свет; со најголема просечна длабочина од 155м Охридското Езеро е најдлабокото езеро во Европа и 14то во светот; доколку се мери според површината, може да се каже дека Охридското Езеро има најголема биолошка разновидност во целиот свет; Охридското Езеро е уникатно во светски рамки и според начинот на кој е создадено; нашиот бисер е посебен во светот и по тоа што неговата вода доаѓа главно од подземни и надземни извори. Поради сите овие исклучителни вредности во 1979/1980 година Охридското Езеро и градот Охрид беа прогласени од УНЕСКО за Светско културно и природно наследство – само 31 локација во светот ужива ваква заштита.
Интегрален дел од целиот екосистем на Охридското Езеро е планината Галичица во која се наоѓа Националниот Парк Галичица, дефиниран како исклучително важен регион од страна на Унијата за заштита на природата (IUCN) и заштитен со закон уште од 1958 година. Благодарение на повеќе стотици автентични уникати на природата НП Галичица е прогласен за Значително подрачје на растенија, Примарно подрачје за пеперутки и Емералд подрачје (односно Натура 2000 подрачје кога Македонија ќе стане членка на ЕУ).
Поради својата исклучителна биолошка разновидност со меѓународно значење во 2014 г. НП Галичица стана дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО – во светот постои само 31 ваков прекуграничен биосферен резерват.
„Наместо да го прославиме Денот на Охридското Езеро со добри вести за грижата и одговорноста на нашата држава кон овој редок бисер на природата во глобални рамки, принудени сме да ја повикаме меѓународната јавност на помош за спас на опстанокот на езерото и блискиот национален парк“ – изјави Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, кое од денес започнува меѓународна петиција против најновите планови на македонската влада за промени на Планот за управување со Националниот Парк Галичица и на урбанистичките планови за Охрид и брегот на Охридското Езеро.
Споменатите планови вклучуваат: Сушење на Студенчишко Блато кое има пресудна улога за постоењето на езерото, со цел изградба на комплекс објекти на самиот брег; Сечење на последниот појас трски и покривање на голем дел од езерото со бетонски платформи со цел изградба на огромни туристички комплекси; Поништување на заштитата на голем недопрен див дел од езерото и загрозување на најважните извори кај Св. Наум кои го снабдуваат езерото со вода, со цел изградба на еден од горенаведените туристички комплекси; Поништување на заштитата на дел од Националниот парк Галичица со цел изградба на автопат од 14 км, за што ќе се уништат 50ха заштитено подрачје од Националниот Парк, многу веројатно финансиран од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР); Поништување на заштитата на голем дел од Националниот Парк со цел изградба на ски-комплекс од 400ха, со кој се предвидуваат и огромен хотел и викенд населба.
„Несфатливо е како Владата на Република Македонија одлучи да продолжи со овие апсурдни планови и покрај експлицитните предупредувања на експертите кои учествуваа во проценката на влијанието врз животната средина! Истите многу јасно укажаа дека реализацијата на овие проекти ќе има неповратно негативно влијание врз биолошката разновидност, почвата и водите; дека нема да бидат возможни корективни мерки; и дека УНЕСКО статусот ќе биде загрозен“ – изјави Бујароска.
Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 во соработка со ЕДЕН, ТАКТ и ОХРИД СОС ги повикува македонските граѓани да ја потпишат петицијата со цел зачувување на најстарото и најдлабокото езеро во Европа, Охридско Езеро (УНЕСКО природно богатство).