Советничката група на СДСМ Дебрца денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„На денешната 29-та седница на советот на општината Дебрца, по предлог на градоначалникот на општината на дневен ред беше ставена одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Дебрца, со која се предвидува задолжување на општината со подзаем од Министерството за финансии, а во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран со заем од Светска Банка, во висина од 15.122.835 денари (248.000 евра), за финансирање на изградбата на фекална канализација за село Лешани, прва фаза од пречистителна станица во село Грко Поле и кофинансирање на изградбата на фекална канализација за село Велмеј.
При минатонеделната посета на населените места Велмеј и Лешани градоначалникот ја најави реализацијата на овие проекти, но притоа доблесно ќе беше од негова страна да каже од кои извори на средства се планира реализацијата на проектите. За нештата да бидат појасни ги информираме граѓаните дека изградбата на фекалната канализација за село Велмеј ќе се реализира со неповратни средства, грант од ЕУ ИПА за рурална инфраструктура, а изградбата на фекалната канализација за село Лешани и пречистителната станица со средства од Проектот за подобрување на општинските услуги, кој е долгорочно кредитно задолжување на општината.
Како советничка група во советот на општина Дебрца, иако секогаш безрезервно сме поддржувале проекти кои ќе придонесат за подобрување на руралната инфраструктура и квалитетот на комуналните и другите општински услуги, во овој случај принципиелно и во име на граѓаните побаравме одговор и на следните прашања: Во кој дел од Изборната програма на градоначалникот стои дека планира да ја задолжува општината? Зошто планира да ја оптовари општината со долгови кои ќе паднат на товар на идните локални власти? Дали градоначалникот заборави дека општината од претходната локална власт му беше предадена со полна каса и без ниту денар долг? Дали општината има финансиски капацитети да го враќа кредитот, ако се знае дека има проблеми со сервисирањето на тековните обврски и на пример поради недостиг на средства не може да обезбеди ниту дополнителни 10.000 денари за финансирање на тековните активности на фудбалските клубови во општината? Како се очекува јавното комунално претпријатие да обезбеди финансиска одржливост на проектите ако се знае дека истото се дави во огромни долгови? Дали за реализација на проектите општината треба да се задолжи или како за општина со лимитирани финансиски перформанси за вакви проекти кои ќе опслужуваат мал број на корисници и се со ограничени можности за нивна финансиска самоодржливост поприфатливо е да се преферираат други извори на финансирање, пред се грантови од домашни или меѓународни фондови?
Сепак, водејќи се од интересите на граѓаните кои ги претставуваме и кои беа дефинирани и уште еднаш потврдени на одржаните собири на советничката група со граѓаните, како и нашите јавно декларирани ставови за поддршка на се што значи подобрување на квалитетот на живот во општината, советничката група на СДСМ ја поддржа одлуката за имплементација на проектите, со забелешка во иднина кога се предлагаат одлуки кои имаат долгорочни финансиски импликации за општината тоа да се прави во крајно транспарентна постапка, со вклучување на граѓаните, а не единствено да се тргнува од тесно партиските интереси и стекнување на ситни политички поени на краток рок.
Ова од причина што граѓаните на општината се оние кои во наредните десетина години ќе ги враќаат средствата од кредитното задолжување на општината.“- стои во соопштението.