Синоќа во с.Белчишта свечено беше отворена 31-та Интернационална ликовна колонија. На истата присуствуваа голем број посетители, при што имаа можност да погледнат над 600 галериски дела кои се создавале низ годините од кога е создадена Ликовната колонија. Уметничката колонија во Дебрца своите почетоци ги бележи од 1985 година и со текот на времето прераснува во Интернационална колонија. Годинава на ликовната колонија учествуваат уметници од Турција, Бугарија, Словенија и Македонија.
„Овие мигови во предвечерјето на еден нов почеток се од посебно значење за културниот развој на Општина Дебрца, мигови кога започнува уште едно издание на Ликовната колонија во с. Белчишта. Токму оваа вечер се согледува значењето на ликовната колонија и нејзините дела кои се презентираат. Почнувајќи од далечната 1985 година до денес делата кои се презентирани и тоа како имаат влијание и го осликуваат сeкој сегмент од делувањето на општеството опфаќајќи ја пред се општина Дебрца. Преку овие дела денес слободно можеме да согледаме различни уметнички правци, различни тематики кои пред се покрај уметничка имаат и едукативна содржина.Ликовната колонија со своето значење се издигнува повеќе од традиционален културен настан, таа е олицетворение на уметноста на Општина Дебрца. Нејзиното значење и секоегодишно поставување е потсетување на секоја измината година на оддржување на ликовната колонија во која се презентирани преку 600 уметнички дела. Значењето на ликовната колонија ја согледале голем број на посетители во изминативе години, кој со своето присуство само ја потврдиле големината на овој културен настан. Сигурни сме дека Ликовната колонија и понатаму во годините кои доаѓаат ќе преставува најзначаен културен бисер со кој се краси Општина Дебрца.Токму поради тоа особена чест и задоволство ми преставува и оваа година со уште поголем интензитет и со поголема содржина да биде преставена Ликовната колонија во с. Белчишта, Општина Дебрца во траење од десет дена.И на крајот сакам да ви посакам добредојде и успешно творештво во престојниве 10 дена, почитувани уметници кои доаѓате од различни култури во нашето опкружување но и од подалечните земји. Дозволете сите присутни да ја прогласам 31 вата ликовна колонија за отворена“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Трајкоски.
Ликовната колонија е со поддршка на општината Дебрца. Посетителите кои сакаат да ги погледнат уметничките дела ќе можат тоа да го сторат во наредните 10 дена.