Започна првиот ракометен камп на Кире Лазаров

Одбројувањето заврши. Започна првиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7” во организација на КМГ Спорт. Рекорден број пријавени учесници, над 150 идни ракометари се веќе во Охрид, сите обезбедени со комплетна опрема за тренинг и најновата книга на Кире Лазаров. Кампот ќе се одржи од денес, 22 јуни 2015 година и ќе трае се до 28 јуни 2015 година. Седум денови со најдобрата седумка. Најавено е многу забава, дружење и најважното спортување. Хотел од висока категорија во Охрид заедно со придружните објекти кои ќе овозможат квалитетна работа во идеални услови, се подготвени за почетокот на кампот. Тука е и тим на стручни лица кои ќе се погрижат за менталното и физичко здравје на сите учесници во текот на сите седум дена.

Скопје Сити Мол како голем поддржувач на овој ракометен камп спроведе натпревар кој се одржа од 5ти до 12ти јуни на кој сите можеа да се пријават и да даваат што повеќе голови во голот кој беше поставен на самиот влез на трговскиот. Конкуренцијата беше голема, неколку стотици натпреварувачи се трудеа да го дадат најдоброто од себе, при што на тројцата најуспешни им беа доделени стипендии со кои им се покриени сите трошоци за учеството во ракометниот камп. Тоа се: Мартин Божиновски, Антонио Максимовиќ и Христијан Ангеловски.

Тренери кои ќе ги откријат сите тајни на ракометот се: Данило Брестовац, Зоран Петковски, Лефтер Бошковски, Иван Марковски и Ице Соколески. Ексклузивни гости на кампот ќе бидат Тимур Дибиров и Дејан Периќ.

Идејата е овој камп да стане традиција и во летниот период секоја година, најмладите да можат да навлезат во тајните на ракометната игра, од прва рака, од најдобрата светска ракометна седумка.

Ракометниот камп на Кире Лазаров е професионално место каде младите ракометари може да растат во големи шампиони.