Николоски во ПССЕ: Заштита на „известувачите“ за корупција

Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска го усвои извештајот за заштита на т.н. известувачи, како продолжение на Резолуцијата за осуда на масовното прислушување усвоена во април. Во овие два извештаја се осудува масовното нелегално прислушување и се бара државите да воведат подобри мерки на заштита. Исто така се бара заштита за т.н. известувачи кога пријавуваат потенцијални неправилности или корупција во системот.

Александар Николоски во името на целата пратеничка група на Европската народна партија, која е најголема и највлијателна во Европа, се обрати и го изнесе ставот на ЕНП. Тој истакна дека „известувањето” е многу важно за промовирање на доброто владеење, приватноста, слободата на говорот и борбата против корупцијата.

По однос на осудата на масовното прислушување рече:„Во текот на априлската сесија ја усвоивме Резолуцијата за масовното прислушување и заклучивме дека таквите практики ги загрозуваат основните човекови права, вклучувајќи го и правато на приватност, слободата на информирање и изразување и правото на фер судење и слободата на религијата. Како што е наведено во Резолуцијата, овие права се камен-темелник на демократијата. Нивната повреда, без соодветна судска контрола, го загрозува владеењето на правото. Злоупотребата на работата на тајните служби и нелегалното прислушување се огромна закана за современите демократии”.

Во однос на заштитата на известувачите, Николоски истакна: „Ќе се согласите дека корупцијата, исто така, ги поткопува вредностите на демократијата. Институционалната борба е невозможно да се спроведе без регулирањето и заштитата на институцијата „известувач”. Сепак, заштитата на лица кои пријавуваат неправилности е многу сложено прашање и бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап.

„Известувањето”, како систем за информирање е воведен во правните системи на многу земји, со цел да го промовира и поттикнува известувањето, иако не постои општоприфатена дефиниција за него.

Парламентарното собрание на Советот на Европа и Комитетот на министри во нивните Резолуции и Препораки ги поканија сите земји-членки да го преиспитаат нивното законодавство во однос на заштитата на „известувачите” и да создададат соодветна нормативна, судска и институционална рамка за заштита на „известувачите”.

Притоа Николоски нагласи дека Република Македонија усвои неколку мерки за подобрување на заштитата на „известувачите”, за зајакнување на одговорноста и зајакнување на борбата против корупцијата и лошото управување и во јавниот, и во приватниот сектор, земајќи ги предвид препораките на ГРЕКО (Група на држави во борбата против корупцијата) во рамките на Советот на Европа. Предложено е усвојување на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата за да се воведе систем на интегритет и систематска, институционална заштита на „известувачите”.– рече Николоски.

Заклучувајќи дека Резолуцијата на масовното прислушување, што беше усвоена во април, е најдобриот начин за борба против овој вид на злоупотреба и закана на демократско општество.