Ракометен ден на плоштадот во Охрид во рамките на академијата „Андреа Лекиќ“

Ракометната академија „Андреа Лекиќ“, денеска на Градскиот плоштад организираше ракометен ден. Во рамки на настанот на кој присуствуваше и ракометарката на ЖРК „Вардар“, Андреа Лекиќ беа презентирани различни техники и игри, а на посетителите им беше овозможено и дружење со неа.

Во изјава за медиумите, Андреа Лекиќ изрази задоволство од гостопримството на Охрид и охриѓани, како и безрезервната поддршка која општина Охрид и ја пружи во организацијата на овој настан.

„Сакам да ве поздравам и да Ви се заблагодарам што со своето присуство ја поддржувате оваа манифестација. Ми претставува огромна чест и задоволство што оваа моја трета по ред ракометна академија се одржува во Охрид. Поради тоа им должам голема благодарност на градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот кабинет, како и директорот на СРЦ „Билјанини Извори“, Ристе Мишев, кои одлично не пречекаа“. – изјави Лекиќ.

Академијата започна на 20 и ќе трае до 26 јуни, а на неа учествуваат повеќе од 70 деца од 10 различни земји, што оваа академија ја прави интернационална. Ракометарката на „Вардар“ во знак на благодарност им додели пригодни подароци на заменик градоначалникот и директорот СРЦ „Билјанини Извори“.

„Од нашите насмеани лица може да забележите дека уживаме во Охрид и се надевам дека ќе се видиме и следната година“, додаде Лекиќ.

Целта на академијата е да се научат некои основни карактеристики поврзани за ракометот, дружење и пред се да се научат основните човекови вредности, како децата би прераснале во добри луѓе, па понатака и во добри спортисти.

Во име на општина Охрид, присутните и учесниците на академијата ги поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој ја потенцираше важноста од ваквите случувања во Охрид.

„И благодарам на ѕвездата на светскиот ракомет, што е дел од Охрид, дел од оваа прекрасна приказна оваа година, а се надевам ќе биде со нас и во идните годините“, – рече заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој потенцира дека „Ракометот не е само спорт, тоа е многу повеќе од спорт“, туку е образование, дружење и културно надградување.

Директорот на СРЦ „Билјанини Извори“ потенцира дека со овај настан се прави еден пресврт во работењето на претпријатието.

„Голема чест и задоволство претставува што летниот камп на најдобрата светска ракометарка Андреа Лекиќ ќе ги одржува тренинзите токму во салата „Билјанини извори“. Одржувањето на овај камп е показател дека ние како претпријатие сме направиле голем исчекор и своевиден пресврт во нашето работење“, – истакна директорот Ристе Мишев.

Користењето на услугите од СРЦ „Билјанини извори“ од спортисти од светски ранг е показател дека Охрид има капацитет да опслужува и организира големи настани, а самото тоа претставува промоција пред врвната спортска јавност.