Емболизација на аневризма (вродена аномалија на крвните садови) е успешно извршена вчера врз пациент на Универзитетска клиника за неврохирургија, кој по интервенцијата се чувствува многу добро. Станува збор за нова метода на Клиниката, при што не се отвора черепот, туку со пункција на главниот крвен сад се доаѓа до мозочните артерии и аномалијата на мозокот се решава ендоваскуларно.
Методата првпат е применета на Клиниката во февруари кога беше извршена успешна емболизација на аневризма кај двајца пациенти. Интервенцијата ја изведе тим од Клиниката во која е активно вклучен и д-р Венко Филипче, како и д-р Зоран Милошевиќ, специјалист неврорадиолог од Клиничкиот центар-Љубљана и други доктори од Словенија кои помагаа за поефикасно воведување на оваа метода, која е една од 100-те нови методи кои претходно не се работеле во здравството во Македонија, а се неопходни за подигнување на степенот на квалитет на здравствени услуги или овозможување поголем број методи да се изведуваат во државата, со што помалку пациенти би се испраќале на лекување во странство.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, по средбата со д-р Милошевиќ во просториите на Министерството. Во врска со вчерашната успешно изведена процедура, истакна дека станува збор за ендоваскуларна хирургија која е опфатена со проектот на Министерството за здравство за воведување 100 нови методи во јавните здравствени установи.
„Станува збор за минимално инвазивна метода за лекување пациенти со церебрални аневризми, тумори на базата на черепот, малформации, мозочен удар, кој овозможува скратено болничко лекување, намалување на бројот на постпроцедурални компликации, како и намален морбидитет и морталитет“, посочи Тодоров и изрази задоволство што воведување на оваа процедура ќе овозможи воведување на т.н. тромбектомии кои се исклучително значајни во третирање на лица со мозочен удар.
Кардиоваскуларните заболувања и во делот на васкуларните заболувања и мозочните удари претставуваат еден сериозен дел од морбидитетот и морталитетот во Република Македонија.
Директорот на Универзитетската клиника за неврохирургија, Александар Чапаровски рече дека проектот се имплементира многу брзо и лесно со помош на д-р Милошевиќ.
На Клиниката за неврохирургија, покрај класичното лекување на малформациите на крвните садови на мозокот со отворање на черепот сега минимално инвазивно преку крвните садови на мозокот се третираат многу лесно овие аномалии.
„Досега решавањето на аномалиите на крвните садови одевме со класичен пристап, значи со отворање на черепот микрохирушки, а сега не се отвора черепот, значи со пункција на главниот крвен сад се доаѓа до мозочните артерии и до аномалијата на мозокот каде се решава ендоваскуларно“, рече Чапаровски и изрази надеж дека за многу кратко време до крајот на годинава оваа процедура ќе биде рутинска на Клиниката и ќе ја збогатат можноста покрај класичниот третман да може да се третираат и голем број ендоваскуларни аномалии кај пациентите.