Шилегов: Во агонија, Груевски кукавички го прекршува договорот од 2-ри јуни

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, денес во изјава за медиумите истакна:

„Кукавички е обидот на Груевски да ги пополнува собраниските комисии за надзор на УБК, Агенцијата за разузнавање и за надзор на мерките за следење на комуникациите.

Не може политичката гарнитура којашто овозможи Сашо Мијалков ниту еднаш во 9 години да не се појави на отчет на работа на комисијата, којашто овозможи УБК без никаква контрола да прави бројни злоупотреби и ја предизвика политичката криза во Македонија, сега, под притисок на меѓународната јавност да глуми дека сака да го реши проблемот.

Со ваквото однесување Никола Груевски директно го прекршува договорот постигнат на 2-ри јуни.

Апсурдот е уште поголем. Постои и официјален документ којшто потврдува дека е формирана Собраниска комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање. Оваа комисија веќе испратила официјален допис, пред два дена, на 24 ти јуни, до Агенцијата за разузнавање.

Како што покажува овој документ, со првична намера да изврши надзор во Агенцијата за разузнавање на вчерашен датум, 25-ти јуни, четврток, за потоа да ја презакаже работната посета за 29-ти јуни, понеделник, во 11 часот, на денот кога е предвидено продолжението на политичкиот дијалог на лидерско ниво.

Дури и претседавачот на Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање, којашто треба да биде предводена од опозицијата, надвор од здравата логика има Претседавач од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Извештајот на Прибе констатира ужасни состојби во Република Македонија. Тоа што Груевски сега се обидува со наводни акциски планови за ЕУ, наводни комплетирања на парламентрани комисии, закани за раководството на СДСМ и претседателот Заев со судски постапки за лажни дела, да го смирува своето членство покажува колку самиот Груевски е во агонија.

Ништо веќе не зависи од Никола Груевски.

Најмалку контролата и надзорот на работата на УБК, Агенцијата за разузнавање и мерките за следење на комуникациите.“– истакна Шилегов.

Извор: www.sdsm.org.mk