Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес заедно со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, министерот за привлекување на странски инвестиции, Горан Мицковски, и директорот на Агенцијата за привлекување на инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски, присуствуваа на бизнис форумот кој се одржа во организација на групацијата Македонија 2025 во Париз, Република Франција.
На бизнис форумот присуствуваа претставници на повеќе компании од Франција, како и успешни менаџери и стопанственици со потекло од Република Македонија. На бизнис форумот беа презентирани успешни бизнис примери на повеќе странски инвестиции кои веќе се развиваат во Македонија.
Бизнис форумот се одвиваше во три посебни панели, а воведно обраќање имаше премиерот Никола Груевски на кое ги презентираше поволностите за инвестирање во нашата земја.
Тој истакна дека Република Македонија е држава која што нуди одлични услови за правење на бизнис и додаде дека постои огромен потенцијал за интензивирање на бизнис соработката помеѓу Република Македонија и Република Франција. Посочи дека во последните 7 до 8 години Република Македонија прерасна во атрактивна дестинација за водење на бизнис.
Светската Банка во 2006 година не рангираше на 94 место во светот, сега сме на 30 место според добрите услови за правење на бизнис, а исто така државата во насока на надминување на хендикепот на мал пазар склучи договори за слободна трговија со сите земји од Европа, вклучувајќи ги државите и надвор од Европската Унија, освен Русија што овозможи извоз без царински давачки, истакна премиерот Груевски.
Претседателот на македонската Влада посочи дека за сето ова да се случи беа направени многу напори, се реализираше проектот Регулаторна гилотина со кој што се скратија илјадници бирократски процедури, се скратија трошоците за правење на бизнис и многу се инвестира во образованието.
„Нудиме најниски даноци во Европа и најниски трошоци за правење на бизнис, за логистика, енергија и нудиме компетитивна работна сила. Македонија нуди и серија можности за инвестирање во технолошко – индустриските развојни зони каде инвеститорите се ослободени во првите 10 години од плаќањето на данокот на добивка и персоналниот данок на доход, а се ослободуваат и увозите на компаниите во зоните од плаќање на царина и на плаќање на ДДВ“, изјави Груевски.
Освен презентацијата на бизнис можностите кои ги овозможува нашата земја, премиерот Груевски оствари и повеќе одделни состаноци со многу од присутните на форумот кои покажаа интерес за доаѓање, инвестирање и трговија во и со Македонија, како и пласман на македонски производи од Македонија во Франција.
Тука се присутни доста луѓе кои работат за компании кои се увозници тука во Франција и преку кои што може да се издејствува извоз на македонски производи на францускиот пазар каде има голем потенцијал, изјави Груевски.
Претседателот на извршниот одбор на Македонија 2025, г-дин Роберт Арсов истакна дека се работи за доста важен бизнис форум за групацијата Македонија 2025 бидејќи е прв од таков тип кој што го организираат во Европа.
„Нашата цел е да ја активираме и анимираме нашата дијаспора, да се запознаат со Македонија, со условите за водење на бизнис во Македонија и потенцијалите кои стојат на располагање“, изјави Арсов.
Стив Шарп, кој е претседател и извршен директор на компанијата Еуромакс Рисорсис и која има почетна инвестиција во областа на металската индустрија во Македонија го истакна позитивното искуство од соработката со македонската Влада и од инвестициската клима во Македонија.
Нашето искуство во Македонија е апсолутно одлично. Од Владата покажаа разбирање за сите работи за кои разговаравме, а кои се издржани. Начинот на кој тие имаат интеракција со бизнисот е како никаде на друго место, другите европски држави можат да научат важна лекција од Македонија во начинот на привлекување на странските инвеститори. Имаме редовен дијалог и дваесет и четири часовен пристап во комуникацијата со министрите, изјави Шарп.
Сопственикот на компанијата Бујик Констракшн и претседател на здружението на француски мултинационални компании Медеф Интернационал, Шарл Паради, посочи дека инвестициската клима во Македонија е пријателска за бизнисот и носи огромен потенцијал.
Мислам дека бизнис климата секојдневно се подобрува и мислам дека тоа е шанса која треба да ја искористат француските компании да го засилат своето присуство во Македонија, изјави Паради.