Од Царинската управа информираат дека на 24 и 25 јуни, Царинската управа извршила контрола во 176 малопродажни објекти и ресторани на целата територија на Република Македонија.
Од извршените контроли, откриени се 27 случаи на нелегална продажба на акцизни добра (алкохол и тутун) при што се привремено задржани 238 литри алкохол и 11 килограми режан тутун за пушење, за што се спроведуваат законски предвидените прекршочни или кривични постапки.
Минималните казни за прекршоци се 3000 евра за правното лице и 500 евра за одговорното лице во правното лице, како и забрана за вршење на дејност при повторување на прекршокот, додека за кривичните постапки е предвидена парична казна и казна затвор.
Неправилности се откриени во 11 градови во Македонија (Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Штип, Велес, Делчево и Неготино).
Царинската управа согласно плановите, ќе продолжи со редовни контроли на акцизните добра во малопродажба на целата територија на Република Македонија со цел спречување на нелегален промет на акцизни добра и заштита на конкурентноста, спречување на неплаќање на давачки и заштита на здравјето на луѓето кое може да биде загрозено со употреба на вакви непроверени производи.