Со финансиска поддршка на Министерството за култура, стручните екипи на Заводот за заштита на културното наследство и музеј Охрид, ќе работат на санацијата и реставрацијата на фасадата на објектот наречен Магаза, лоциран на ул.”Климент Охридски“ бр.5 во Охрид, на источната страна на старата Охридска чаршија, во непосредна близина на Чинарот, односно на плоштадот „Крушевска Република“.
Санацијата и реставрацијата на објектот изграден од камен во втората половина на XIX век од непознати мајсторски тајфи е во рамките на повеќегодишниот проект за обнова и конзервација на повеќе фасади од старата градска архитектура во значајните градски јадра во нашата држава. Освен конзервација и реставрација на објектот, предвидена е и промена на столаријата и санација на покривната конструкција.
Кога во средината на XIX век занаетчиите и трговците се појавуваат како нова стопанска сила во чаршијата, дрвените приземни дуќани се заменуваат со масивни објекти, со значително поголема материјална вредност, тн. магази. Со оглед на тоа што од Европа се внесува и луксузна индустриска стока, но и нови идеи за архитектонски стандард, во чаршијата се појавуваат објекти од камен со простории кои се функционално распределени на магацин и продавница. Стоката која што сега има поголема вредност, треба добро да се обезбеди, па така дрвените ќепенци се заменуваат со железни капаци. Европското влијание врз оваа архитектура е одразено и во новиот назив на овие објекти. Тие веќе не се дуќани, туку магази (од францускиот збор „магазин“). Тоа се објекти најчесто со подрум, приземје и кат, градени од камен, тула, железо и слично.
На некои од магазите во охридската чаршија, на потегот од чинарот до езерото, стојат мермерни плочи на кои се напишани имињата на охридските трговци во периодот од 1871 до 1884 година. Всушност, тоа се девет сочувани плочи од кои осум се напишани со кирилица, а една со арапско писмо. Покрај имињата на трговците на мермерните плочи се напишани и месецот и годината кога е изградена или отворена магазата. Токму единствената сочувана плоча напишана со арапско писмо се наоѓа на западната фасада на Магазата лоцирана на источната страна на чаршијата.
НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид годинава ќе ги обнови фасадите на куќите на Ѓурчинови и Димзови и на објектот во кој е сместено Радио Охрид.