Македонија ја продлабочува соработката во областа на образованието и науката со Албанија и Косово

Министерот за образование и наука М-р Абдилаќим Адеми, денес потпиша договор за соработка во областа на образованието и науката со Министерот за образование и спорт на Република Албанија, Линдита Никола и со Министерот за образование и технологија на Република Косово, Арсим Бајрами.

Договорот е потпишан во рамките на четвртиот министерски состанок „Платформа за образование и обука на Западен Балкан“ кој што се одржува во Валона – Република Албанија, организиран од Европската комисија, каде што учествуваат министрите за образование од земјите од регионот.

По потпишувањето , министерот Адеми истакна дека со овој договор се продлабочува соработката во областа на образованието и науката со Република Албанија и со Република Косово.

„Од голема важност е потпишувањето на овој договор во рамките на министерскиот состанок на земјите од регионот, каде што ние како две држави изразуваме желба и интерес за понатамошна соработка. Договорот ја опфаќа соработката во областа на образованието и науката, кои се движат во насока на размена на искуства помеѓу двете држави, продлабочување на соработката во размена на литература, но и можноста за заедничка соработка на институциите на нашите земји со цел да се искористат европските проекти кои се важни за развој на образованието и научните истражувања“, – истакна министерот Адеми по потпишувањето на договорот со министерот за образование на Република Косово.

Додека министерот за образование на Косово, Арсим Бајрами истакна дека со овој договор ќе се интензивира соработката во областа на образованието со Република Македонија. За Косово потпишувањето на договорот е од голема важност бидејќи за прв пат се потпишува еден ваков договор со Република Македонија.

Во рамките на четвртиот министерски состанок во Валона, министерот Адеми оствари и билатерална средба со директорот на Генералниот директорат за образование и култура на Европската Комисија, Хавиер Пратс Моне.

На овој состанок, македонската делегација предводена од министерот Адеми го презентираше напредокот на земјата за имплементација на Стратегијата за иновации, стратегијата за стручно образование, концептот за неформално образование и имплементација на Програмата на ЕУ за образование, обука, млади и спорт ЕРАЗМУС ПЛУС.

Министерот Адеми во рамките на министерскиот состанок исто така оствари и други билатерални средби.