Во магацинските простории на две правни лица од Скопје, царинските инспектори од Одделението за истраги открија шверцувани 326 литри енергетски пијалак Ред Бул.
Во првиот случај, при контрола на магацинските простории на правно лице од Скопје на кванташкиот пазар во Скопје, откриени се 1.140 лименки енергетски пијалак Ред Бул без декларации на македонски јазик, со состав на производот напишан на бугарски и романски јазик. На најлонските обвивки на пакетите имало залепени етикети со ознаки BG и RO, што било причина за сомневање дека производите се наменети за тамошните пазари и се шверцувани. Во вториот случај, при контрола на стока која се продава во простории на правно лице од Скопје на ул. Џон Кенеди, во магацинскиот дел и на рафтовите за продажба, откриени се 164 лименки од 250 ml енергетски напиток Ред Бул без декларација за составот на производот на македонски јазик. Истиот бил бугарски јазик. На најлонската обвивка на пакетите со енергетски напиток имало залепени етикети со ознака BG.
И во двата случаи, сопствениците на правните лица, во моментот на контрола не приложиле документи како доказ за потеклото на производите и поради основано сомневање дека стоката е шверцувана, привремено е задржана, а против правните и одговорните лица во истите, Царинската управа поднесе соодветна пријава.