Грантови од Владата за лица со инвалидитет за отворање сопствен бизнис

Од втората половина на месецов, Агенцијата за вработување на РМ со посредство на Владата на секое инвалидизирано лице кое што сака да започне сопствен бизнис ќе му понуди 5 илјади евра грант, а доколку вработи уште двајца уште по 1.500 евра грант за секое од нив. Тие двајца можат да бидат инвалидизирани лица, но и не мора, најави премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по посетата на целосно реновираното ОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија.

„Веќе во буџетот за оваа година се резервирани еден милион евра за оваа намена, а доколку се случи да има голем наплив на добри проекти кои ќе бидат прифатени и ќе почнат да се реализираат ќе се додадат средства“, рече премиерот Груевски.

За следната година, додаде, повторно ќе се издвојат средства во буџетот за оваа намена.

„Тоа ќе биде помош за оние инвалидизирани лица кои чувствуваат дека можат да започнат бизнис кои имаат добра бизнис идеја и добар бизнис план и кои сакаат да влезат во една ваква операција“, рече премиерот Груевски.

Потсети дека Владата и досега нудела поволности за инвалидизираните граѓани и преку Македонски шуми, како што кажа, веќе се вработени над 200 вакви лица, а за стотина други постапката е се уште во тек.

„План ни е со мерката која што ја донесовме да се заокружи околу 300 вработувања во јавниот сектор,“ истакна премиерот Никола Груевски.