Од 21-ви до 25-ти Октомври, градот Штип ќе биде домаќин на најдобрите балкански пинг-понгари од вкупно 10 држави. Тоа денеска беше озваничено во просториите на Агенцијата за млади и спорт, каде генералниот секретар на Балканската пинг понг Унија, Милорад Трпковски, претседателот на Пингпонгарската федерација на Македонија, Јован Дабевски и претставникот на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, Доц. д-р Кирил Барбареев потпишаа Договор за соработка и организација на престојното Балканско првенство до 21 година, чиј домаќин ќе биде Република Македонија.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески потенцираше дека пинг-понгот е спорт, кој во Република Македонија има долга традиција и солидни резултати, а дадената можност за прв пат да се организира Балканско првенство ќе претставува дополнителна обврска и одговорност да се покажеме како одлични организатори и домаќини.
Задоволен од можностите и понудата на градот Штип беше и генералниот секретар на Балканската пинг-понг Унија Трпковски, кој направи увид во сместувачките капацитети и на спортската сала “Јордан Мијалков” каде ќе се одигруваат натпреварите.
На 41-вото Балканско првенството се очекува учество да земат околу 120 натпреварувачи од 10 балкански држави, во екипна и поединечна конкуренција, парови и микс двојки.