Со финaнсиска поддршка од Министерството за култура, а во координација на Управата за заштита на културното наследство, деновиве завршија археолошките истражувања на античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи, Скопје.
Почнувајќи од август 2013 година, истражувањата се реализираа во соработка со Филозофскиот факултет од Скопје и Музејот на град Скопје. За време на истражувањата на Античкиот театар, кој бил изграден за време на Хадријан и кој функционирал до крајот на 4 век, археолозите пронајдоа околу 3000 монети, керамика, бронзени предмети, коскени предмети. Станува збор за пронајдени над 5000 предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век.
Паралелно со археолошките истражувања беа спроведени и геофизички испитувања, а беа направени и аерофотографии од театарот со кватрохоптер (дрон). Информациите околу ископувањата и пронајдоците на Скупи сега се достапни и на веб-страницата за локалитетот, а се планира и изложба со новите пронајдоци.
Истражувањето на театарот на Скупи беше капитален проект на Владата на РМ, а раководител на истражувањата беше д-р Антонио Јакимовски, професор на катедрата за Историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.