Најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и пошироко, фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворена вечерва во кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф во изведба на шпанската продукција „Ла Фура дел баус“.
Свеченото отворање е закажано во 21 часот на Античкиот театар во Охрид. Заедно со шпанскиот состав на стандардната фестивалска сцена ќе настапат Оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.
Како што најави директорката на фестивалот „Охридско лето“ годнава во текот на 40-те вечери колку што трае манифестацијата, ќе биде собиралиште на најпознатите уметници и врвни театарски куќи и ќе и овозможи на публиката програма што долго ќе се памети.
„Ние како тим на „Охридско лето“ секогаш ќе работиме во насока фестивалот од 12.јули до 20. август да биде духовно пристаниште кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина. Сите патишта на сценската, вокалната и музичката уметност од вечерва и во текот на наредните 40 фестивалски ноќи водат токму овде, на најголемата музичко-сценска манифестација во државава“, вели директорката Јанкуловска.
Фестивалот кој годинава го одбележува јубилејното 55-то издание се одржува под капата на Министерството за култура на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на државава, Ѓорге Иванов.